Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски и членови на ДИК утрово го следеа процесот на преземање и дистрибуција на гласачкиот материјал што го изработи битолската печатница „Киро Дандаро“.
Државната изборна комисија го презеде доверливиот материјал, гласачките ливчиња и друг материјал потребен за претстојните претседателски избори, како и за вонредните избори за градоначалник во општините Охрид, Дебар и Ново Село.
– Сѐ е подготвено. Членовите на ДИК го подигнаа материјалот и се упатија кон своите дестинации за да го достават тој материјал до ОИК. Сѐ се одвива беспрекорно и сметам дека в недела ќе нема никакви проблеми во смисла на квалитетот на гласачкиот материјал – изјави претседателот на ДИК, Деркоски.
На прес – конференцијата во Битола, првиот човек на ДИК ги демантираше лажните вести за ликот на гласачкото ливче, публикувани од социјални медиуми.
– Во оваа прилика сакам да демантирам одредени шпекулации кои се појавија на социјални мрежи, а поврзани со изгледот на гласачкото ливче. Како што претходно кажавме, гласачкото ливче го содржи знамето на нашата држава, редните броеви на кандидатите, име и презиме на кандидатите, и симболите на политичките партии кои дадода согласност за тие симболи. Други ознаки на гласачкото ливче нема и нема потреба јавноста да се доведува во заблуда за наводни други додатоци – нагласи Деркоски.
Битолската печатница „Киро Дандаро“ докажана со својата професионалност и квалитетна работа, и годинава доби задача да го изработува севкупниот изборен материјал за претстојниот изборен процес.
– Гласачкиот материјал е изработен на највисоко квалитетно и безбедносно ниво. Гласачките ливчиња имаат 21 заштита и невозможно е фалсификување на ниту еден лист. Посебна заштита има и за оригиналните записниците и тие не може да се преправаат ниту копираат. Во печатницата се изработи и гласачкиот материјал за вонредните локални избори за градоначалник во Охрид, Дебар и Ново Село – истакна Драги Милошевски, генерален директор на АД Печатница „Киро Дандаро“-Битола.
Од ДИК и денеска потсетија дека на единствениот избирачки список запишани се 1.808.131 гласач, а гласањето ќе го спроведуваат 80 општински изборни комисии на 3.480 избирачки места.
В сабота на 32 гласачки места во дипломатските конзуларни претставништва-ДКП ќе гласаат граѓани од дијаспората и притоа за гласање пријавени се 1.782 гласачи. В сабота ќе гласаат и 3.583 болни и немоќни лица, 1.600 затвореници сместени во затвор или куќен притвор, како и седум расселени лица кои се пријавиле во ДИК за гласање.