Менаџерот на Тотенхем, Маурисио Почетино беше на седмо небо од радост по драматичниот натпревар против Манчестер Сити. „Петлите“ загубија со 3:4, но благодарение на повеќето голови на гостински терен се пласираа во полуфиналето на Лигата на шампионите, каде што ќе се сретнат со Ајакс.
– Тоа беше неверојатен натпревар! И каков завршеток! Многу сум среќен и се гордеам со играчите. Тие се херои! Мило ми е и за нив, и за нашите навивачи – изјави возбудено Почетино во првите минути по дуелот.
Според него, Тотенхем покажал карактер и волја во еден навистина незаборавен натпревар.
– Во еден момент во твојата глава се вртат секакви мисли и си бескрајно разочаран, но потоа едно решение менува се. Затоа го сакаме фудбалот – додаде Аргентинецот.
Лондонскиот тим не играл во полуфиналето на најпрестижниот клубски турнир во последниве 57 години. Првиот натпревар со Ајакс е на 30 април, а реваншот на 7-ми мај.
ФОТО: EPA / WILL OLIVER