Oтворeна истрага: Како 26.786 тутунари се офајдија со 27 милиони евра среде избори ?

3486

Антикорупциската комисија денеска отвори истрага по сопствена иницијатива за вчерашната исплата на 26.786 тутунари со субвенции од над 27 милиони евра за ланската реколта.

Оваа информација, како што беше речено на денешната седница на антикорупционерите била објавена вчера попладнето на сајтот на Министерството за земјоделство, што беше повод Државната комисија за спречување на корупцијата, да отвори предмет, затоа што исплатата е направена откако биле распишани претседателските избори, што е спротивно на членот 8 од Изборниот законик.

На исплатата државни пари среде кампања реагираше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Претходно ВМРО – ДПМНЕ поради прекршување на Изборниот законик поднесе четири приговори, од кои како неоснован беше прогасен само приговорот за вработување на десетмина комунални работници на определено време од 30 дена во Ново Село.

Опозициската партија обвини дека власта од страв да не ги изгуби изборите посегнува по државната каса за да купува гласачи и затоа врши незаконски исплати среде кампања.

На денешната седница на Антикорупциската комисија падна одлука и за прекршочни постапки за градоначалниците на општините Гази Баба и Штип поради прекршување на Изборниот законик и на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси.

Приговорот на ВМРО – ДПМНЕ за договорот што го склучил градоначалникот на општината Гази Баба Борис Георгиевски со Агенција за обезбедување имот и лица во вредност од четири милиони денари, за физичко и патролно обезбедување на 11 основни училишта и две детски градинки, според антикорупционерите се однесува на  финансиски средства предвидени во годишните јавни набавки. Сепак, Комисијата го спори известувањето за настанот, објавено во медиумите. Поради ова против градоначаникот ќе биде покрената прекршочна постапка.

Градоначалникот на Штип Благоја Бочварски против кого исто така ќе биде поднесена прекршочна постапка се огрешил затоа што на четири социјално загрозени семејства им биле дадени дрва за огрев. Во ова учествувале и јавното претпријатие „Исар“, со помош на ЈП.„Македонија пат“ и „Македонски шуми“, како и штипската противпожарна.

Како што објавивме претходно, исто така по приговор од ВМРО – ДПМНЕ, комисијата отвори постапка против Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој која откако биле распишани изборите исплатила вкупно 77 милиони денари на над две илјади лозари за откуп на винско грозје од реколтата 2014-2015 година од приватните винарии „Повардарие“ и „Стефанс“.

Антикорупционерите решија да го истражат и случајот со раководителот на одделението за хортикултура Јово Темелковски во ЈП „Водовод и канализации“. Тој  со маица од претседателскиот кандидат Стево Пендаровски се шетал на работното место.

Во Изборниот законик е предвидена глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност за прекршок на член на Влада, заменик министер и функционер кој раководи со орган ако постапи спротивно на членот 8-а од овој законик, а за кој антикорупционерите утврдија дека не бил испочитуван.

Глоба во износ од 1.000 до 3.000 евра во денарска противвредност е предвидена  за прекршок на лицето кое учествува во изборната кампања со својата службена униформа, а казна во износ од 1.000 до 3.000 евра во денарска противвредност, ќе плати оној оној член на изборен орган кој работи спротивно на одредбите на Изборниот законик.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...