Психолози без лиценца од Комората на психолози можат да ни ги воспитуваат децата во училиште, да ги ресоцијализираат затворениците, да работат во градинки и во болници. И никој не им може ништо поради тоа.
Во овој момент голем број психолози работат без лиценца. Ги има во здравствени, образовни, социјални институции…
Причината е што ниту еден закон не е усогласен со Законот за вршење на психолошка дејност, па тој е надвор од системот и виси во воздух.
Ваквите дупки во законите повторно излегоа на површина по случајот со психологот Јове Хаџиевски, кој на Фејсбук, минатата недела сподели фотографија од премиерот Зоран Заев со две дечиња со Даунов синдром и напиша навредлив коментар.
Комората на психолози веднаш го осуди коментарот, а вчера Управниот одбор одржа итен состанок, по кој соопшти дека на Хаџиески лиценцата му истекла уште лани во февруари.
Од Комората разговарале со него, му укажале на нивните забелешки и го посоветувале да им се извини на децата и да волонтира во нивниот центар. Тој, пак, не знаел дека му е истечена лиценцата и најавил дека ќе поднесе барање за продолжување, но од Комората велат дека по случувањата ќе разгледаат дали воопшто ќе му издадат нова. Оттаму најавуваат и дека ќе направат промени во кодексот за психолошка етика, со кои поконкретно ќе бидат опфатени токму и вакви случаи од социјалните мрежи бидејќи новото време ги отвора и прашањата: Дали и како преку профили на социјалните медиуми се прекршуваат правилата и етиката на професијата и колку личните профили се навистина лични или преку нив не се претставуваме самите себе туку целата фела?
Меѓутоа, сето тоа ќе биде залудно бидејќи Комората и да утврди дека некој го прекршил кодексот, па и да му ја земе лиценцата, психологот нема да има никакви последици.
Издавањето, продолжувањето и одземањето лиценци е во надлежност на Комората согласно Законот за вршење на психолошка дејност. Меѓутоа, како што објаснуваат оттаму, во законите за здравствена заштита, за основни и за средно образование, како и во оние кои се однесуваат на персоналот вработен во затворите и воспитно-поправните установи, на градинките никаде децидно не се наведува дека психологот кој работи во институцијата треба да има лиценца.
– Ние ако реагираме за некој психолог без лиценца, па пример, што работи во здравствена установа, џабе е, зашто тој ќе се повика на Законот за здравствена дејност во кој никаде не се споменува лиценца за психолог – појаснуваат од Комората.
Тие и од власта бараат и очекуваат наскоро сите надлежни институции да ги усогласат законите со тој за вршење психолошка дејност.
– Со тоа ќе се овозможи сите психолози кои вршат психолошка дејност на територијата на нашава држава да бидат лиценцирани членови на Комората и да се воспостави Единствен регистар на психолози кои вршат психолошка дејност. Со тоа, согласно Законот за вршење на психолошка дејност ќе се обезбеди Комората да воспостави надзор врз вршењето на психолошка дејност и професионалната психолошка етика – велат од Комората.
Станува збор за „ситни“ интервенции во низа закони кои доколку не се направат, психолози без лиценци ќе продолжат да си работат и приватно и во бројни државни институции, а Комората освен реакција и осуда нема да може никако на друг начин да ги казни ако ја прекршуваат етиката и ја брукаат професијата.
Инаку, според евиденцијата во Комората, лиценци имаат околу 300 психолози, но на дел од нив тие им се истечени. Податок, колку работат без лиценца нема, бидејќи нема регистар.