Добро е, фаќаат чекор овие новиве, ама, во погрешна насока, се разбира.
Има повик граѓаните да пријавувале дупки. Не, не од неколкуте вемереовски градоначалници. Од Шилегов е повикот. И јас сум растрчан утрово да му пратам извидници од Прилеп, да му ги најдат? Замислете наслов: „Шилегов најде дупка!“
Тевдовски пак, златниот, затнува дупки… во буџетот. Нејќам да испаднам безобразен, па да му предложам на Тевдовски да му ги даде дупките на Шилегов и овој да ги затне. Тој наумил да не оди по тешкиот пат и да бара даночни неплаќачи, туку да ги фати плаќачите. Што е сигурно – сигурно е.
Сакаше тој да ја искористи идејата, не дека не сакаше, дури и не го мрзеше да праша за една лекција од универзитетскиот учебник за потекло на имотот, па, дури и прошетал по улици и сокаци и се изненадил дека наместо велосипеди имаат мерцедеси. Сепак, откако му кажаа чии се куќите и џиповите, овој констатирал дека неговиот учебник не е семоќен и дека тие страници од учебникот ги изело магарето. Мора да внимава каде го паркира велосипедот, оти животинки му ги јадат учебниците. Веројатно е до екологијата. Тендерите, со кои ги изградија парковите, тоа вемереовците, се толку диви, што во нив се населија диви ѕверки, како што се магарињата.
Така, му останаа дупките незатнати, но тој, барем знае каде му се. Шилегов нема поим и бара помош од граѓаните: „Дупки ли се, дупки длабоки, аргатски маки големи“, кога не се шахти или нов фискален намет, во име на животот.
Тевдовски не се предава лесно и му се има јавено на министеров за полиција да го бараат магарето, да го уапсат за загрозување на науката и за реметење на јавниот ред и мир. Ако го фатат, ќе оди кај другите магариња во притвор. Требаше тие да бидат славеи и да пропејат за тоа повиците од Австрија, но решија да останат магариња. Можеби со новиот конкурс во министерството за култура за песнички, ќе пропеат.
Некои пропеаа, но на грчки и само во дует, што не функционира во нашето судство, оти ние имаме преведувачи само за Албански јазик и на останатите народи и народности.
Се јави и научен проблем: Македонскиот јазик не личел на Грчкиот, иако сме исти антички народи. Но, тоа нема врска со буџетот, освен дека сме многу задолжени, ко’ Грчка. Останатото е различно. Во Грција ги продаваат мерцедесите за да платат данок, ние не. Ние ниту нашиот, оној блиндираниот, не можевме да го продадеме. Ако е возен по тоа дупките, нема ниту да го продадеме.
Забегав од муабетов за дупките.
Има Тевдовски уште една иновација и во економската терминологија го воведе кафето и сендвичите, како некакви пондери, но за што, не можеше да се сети. Така, на министрите почнаа да им ги бројат сендвичите и кафињата. Односно, почнаа да им бројат сѐ, освен сработеното. Има злобници, кои го прашаа, од кога е броењето кафиња важно? Најбезобразните му посочија дека „Скопје 2014“ потроши колку што не можат 1000 министри за 1000 години. Така, Тевдовски се изнервирал и им се пуштил на вработените: Ги изброивте кафињата? Ајде сега кажете што работеле тие, кои пиеле кафе, што одлуки донеле, заради што, кој е засегнат, кои се последиците од „пиењето кафе“ за државата и зошто не е поинакво решението, туку, баш тоа. Потоа му притекна: како точно тоа решение произлегува од социјалдемократската идеологија и заради што е најоптимално, кој дебатирал на оваа тема, кои експерти сте ги консултирале, што мислат НВО – ите за тоа, кои се ставовите на стејкхолдерите и кој ги претставувал, што вели јавно – приватното партнерство. Ами како!
Кога му одговориле на сите овие прашања, во законски пропишан рок, вложувајќи го сиот свој легендарен администрациски капацитет, Тевдовски наредил: Повторно избројте ги кафињата, пронајдете некоја дупка за Шилегов и опнете ги оние, кои веќе плаќаат данок. Ако достигнат 1001 евро, куку ним, а оние убави куќи прогласете ги за споменици на културата, за бесплатно да им правиме фасади и да ги молерисуваме.
Веројатно има и други потајни наредби, на пример, да не го читаат „одредени портали“, за Ордановски и Грчев да не им ги „заразуваат“ дечките, но, како што кажавме, тие се тајни, па за нив не знаеме.
Во меѓувреме, Шилегов се грижи за дупките во асфалтот, оти мора да ослободи време и простор и за обичните комунални работи, кои стагнираат, оти дупките не се најдени.
На Шилегов му се закануваат и нови дупки, како оние дупки во водата, кои тој и неговата администрација секојдневно ги прават, како најважен дел од работните задачи.
Новите кампањи, кои Шилегов грижливо ги припрема, за доброто на народот ќе бидат со следните наслови: „Пријави издигната шахта“, „Пријави поплава“, „Пријави земјотрес“, „Пријави државен удар“ и „Пријави вонземјани“.
И советниците од вемерето се согласуваат со овие кампањи, освен со онаа „Пријави државен удар“.