Проси среде Скопје, со гладен стомак не му се пишува домашно (ФОТО)

Децата питачи ги препознаваат социјалните работници и им се кријат за да не ги најдат на локацијата на која се пријавени дека просат.

724

За децата кои питачат по улиците и кафулињата низ Скопје има многу теории. Некои велат дека од дома ги принудуваат да бараат пари од минувачите за леб, а други сметаат дека децата сами се одлучуваат на овој чекор, откако ќе го видат примерот на нивните родители, кои не работат ништо и живеат од милостина.

Како и да е, кога околу 9 часот навечер ќе сретнете осумгодишно дете како лежи стуткано на студениот бетон, почнувате да се прашувате каде се неговите блиски, дали го бараат и што прави државата за да ги тргне децата од улица.

Му се приближивме прашувајќи го зошто не си оди дома. Нема ли некој кој го бара? Некој кој е загрижен за него? Тоа рече дека му студи, но дека мора така, оти му требаат пари за парче леб. Кажа дека е од Топаана, дека татко му е починат, а мајка му исто така проси со седуммесечниот брат. Нормално, не оди на училиште иако тоа е задолжително, зашто, како што вели, не можел да учи гладен.

Праша: „А зошто ме снимавте?“. Му ја покажавме фотографијата и му објаснивме дека неговото лице не се гледа, па никој нема да знае дека станува збор за него.

Го пријавивме овој случај кај надлежните и до Министерството за труд и социјална политика се обративме со прашање „Што со овие деца?“ Каква е процедурата, дали граѓаните често пријавуваат вакви случаи низ градот, што е со нивните родители, ако се живи и здрави?

– Министерството за труд и социјална политика ја креираше социјалната реформа којашто во моментот е во собраниска процедура, а истата е во насока на намалување на детската сиромаштија и извлекување на најранливите граѓани над линијата на сиромаштија. Што се однесува до процедурата за згрижување и заштита на децата коишто ќе се најдат на улица, постапува Специјалиизран тим од Меѓуопштински центар за социјална работа на Скопје. Стручните лица кои се дел од мобилниот тим веднаш излегуваат на терен по добиените пријави и во зависност од констатираната фактичка сосојба постапуваат согласно Законот за социјална заштита – ни рекоа оттаму.

Пријавите за децата питачи се чести, но по излегувањето на терен, децата ги препознаваат стручните лица и најчесто се кријат, поради што државата тешко може да ги лоцира на пријавеното место.

– Најчесто децата велат дека излегуваат да питачат поради недостиг на пари за егзистенција – нагласија од Министерството.

За превенција и заштита на децата од социопатолошката појава питачење, ни беше речено, оти Центарот за социјални работи ги зајакнува мобилните тимови.

– Истовремено, мобилните тимови ќе вршат мапирање на најфреквентните локации каде има деца кои питачат, ќе се прават увиди во нивните семејства со цел помош на семејството и вклучување во системот на социјална заштита, полнолетните членови да се активираат како баратели на работа, вклучување во мерки на доквалификација и преквалификација – појаснија од Министерството.

Според статистичките податоци во програмата ЛИРИКУС заклучно со 2018 година, на 25 родители им се извршува мерката надзор над вршењето на родителското право.

– Во 2018 година, центрите за социјална работа имаат изречено 28 опомени за родители кои го занемариле вршењето на родителското право – рекоа од Министерството.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...