Министерот за здравство д-р Венко Филипче и министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска беа во работна посета на кривопланечката болница, каде одржаа работна средба со директорот на Здравствениот Дом, д-р Бранко Стаменковски.
Во текот на посетата се разговараше за предизвиците и проблемите со кои се соочува оваа јавна здравствена установа и се истакнаа приоритетите за решавање на актуелните проблеми со недостиг на опрема и медицински кадар, како и за конкретните мерки за унапредување и подобрување на здравствените услуги за сите граѓани.
Во рамки на посетата министерот Филипче ја најави набавката на нов мамограф и нов ехо апарат, како и ново возило за санитетски транспорт, а се со цел подобрување на нивото и квалитетот на здравствената заштита.
На средбата се разговараше и за потребата од млад медицински кадар и за тоа колку млади доктори ќе бидар примени во овој здравствен дом со новата владина мерка, согласно законот за здравствена заштита.
Посетата на Крива Паланка, министерот Филипче ја оствари заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на иницијатива на градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, кој разговараше со двајцата министри за крупните проекти предвидени за реализација во општината во претстојниот период.