Цивилизацијата во пламен

1165

Потребни се децении и векови да се изгради градба која ќе стои стамено наспроти вечноста и само неколку часа истата да се избрише од лицето на времето и да се претвори во прашина. Секунди во кои додека паѓаат куполите, покривите и различните страни од објектот, монументалната вредност се брише од колективната меморија на светот. Сѐ додека главата кула не е поразена. Не постои човек кој деновиве не беше активен учесник на социјалните мрежи со свое мислење или пасивен сведок на огромната катастрофа која го зафати Париз со пожарот кој пеплоса значаен дел од катедралата Нотр Дам. Во една масовна хистерија се говореше за виновниците, последиците, паралелите, значењето, конспиративните теории на заговор, дехуманизацијата, поврзаноста со другите негативни настани кои ја разоруваат нашата колевка.

Речиси сите помалку или повеќе сме загрижени за тоа што се случува, особено со пожарите кои ни надоаѓаат од сите страни, а со тоа нѐ опоменуваат на силата на природата и на она малку кое уште не може да биде контролирано (оставено на распад) од човекот. Овие настани свесно или не, нѐ тераат да се замислиме и да ја согледаме нашата позиција, поставени на некоја хоризонтална временска оска. Што направивме и каде згрешивме? Колку одиме напред во времето, ние всушност толку уназадуваме во “планираниот прогрес“.

Невниманието, негрижата, хипокризијата, користољубивоста се само неколку од особините кои ја јадат цивилизацијата одвнатре, а пред нас, секојдневно: пожари, поплави, дождови, урагани, громови, молњи, сиромаштија, убиства, масакри, војни. Пожари, да – мали и големи. Впрочем, не е важно дали се големи и дали се контролирани или не, поважно е тоа што сѐ почесто се случуваат. Само во нашата држава ја започнавме годината со десетици кои ги алармираа граѓаните, а уште не е лето, но пожарот кој ја уништи безвременската градба на Нотр Дам ќе биде запаметен и говорен уште долго од многу аспекти. Немаше ангели кои можат да ја спасат оваа надчовечна убавина. Овој пожар е апел да почнеме сериозно да се грижиме за нашето културно наследство, оти во спротивно тоа исчезнува за миг. Но, задолжително проблемот и нашите реакции треба да ги избалансираме, тие се подеднакво исти и со иста важност, за сите споменати примери: затоа што како што е катедралата за Франција, така за нас се и црквите и џамиите во Македонија, а така се и храмовите на Истокот. Сите тие се светско културно наследство и заслужуваат ист третман. Кој ги одржува повеќе, а кој воопшто не се грижи за нив, во моментот е поминорно, од тоа кои се причините за пожарот, што е изгубено, а што спасено? Може ли да се обнови соодветно, кои се државите и поединците кои ќе помогнат повторно да се среди овој објект, значаен од многу аспекти, колку време и пари ќе требаат за да се санира оваа катастрофа на векот…?!

Затоа се случува духовен аларм, цивилизацијата ни е во пламен и во материјален и во духовен контекст, неспособноста на светските лидери и професионалната (не)грижа имплементирана на локално ниво, доведуваат до резултати кои се неповратни, деконструктивни во секоја смисла. Насоката за овие дебати и разговори би требало да се развива во сосема спротивен правец од оној кој за жал се испостави како детерминиран. Гнилежот е очигледен, затоа и информацијата за вториот пожар кој се случи во истиот ден, да биде уште поиронично се случи во Ерусалим, а жртва на огнените јазици беше џамијата Ал Акса која е исто така дел од Светското културно наследство. Несовесно е да се прават такви споредби. Загубата за нашата цивилизација е огромна, наместо да санираме треба да бидеме подготвени за можните опасности. Не смееме да потклекнеме пред предизвикот да бидеме почовечни и внимателно да ја препознаеме моќта на медиумите и начинот на кој пропагандата наметнува соодветно слепило, рангирајќи ги тагата и болката по некои непознати критериуми.

Дали настаните се поврзани, дали човекот е фактор за овие пожари, дали пожарите на ваквите градби важни за историјата, за културата, за уметноста, имаат за цел да ни кажат нешто? Тоа се прашања кои речиси секогаш лебдат во облакот со можни одговори, сепак, за момент треба да застанеме и да се воздржиме од предизвикот да се втурнеме во море од претпоставки, непотковани ставови, од мислења без аргументи и неконтролираниот пламен на вербална комуникација го замениме со молитва или мисла да не се случуваат вакви неповторливи штети. Убаво е да знаеме дека целиот цивилизиран свет е со нив, а наше е да фрлиме светло и на сличните настани, а за кои оние од традиционалните медиуми не информираат.

Можеби “ништо не е случајно“ некој ќе каже, а може непријателот е внатре во бунарот, кој знае?! Важно е да споменеме како за крај и за третиот случај – автомобилот кој во село Дабиље се запалил во движење и изгорел во целост, речиси во истото време.

Поврзаноста на настаните оставам да ја процените сами.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...