МВР прави списоци од станари и од вработени по рутата на папата во Скопје

1666
ФОТО: EPA / ETTORE FERRARI

Списоци на станари и вработени во фирми кои се наоѓаат во централното градско подрачје бара МВР во пресрет на посетата на папата Франциск, зашто безбедносните мерки за 7 мај ќе бидат од прв степен.

Покрај строгите правила пропишани за светата миса на плоштадот „Македонија“ каде, како што пишувавме вчера, граѓаните не смеат да носат ниту грицкалка за нокти, безбедносните служби преземаат мерки и за поширокото подрачје во центарот на Скопје, каде ќе се движи папата.

Полицајци веќе биле во становите и во фирмите кои се непосредно покрај плоштадот и во ГТЦ за да известат дека ќе бараат список на вработени и станари. Затропале и на вратите од домовите покрај Католичката црква во Скопје.

– Доаѓаше полицаец во цивилка и прашуваше дали тука живееме, дали сме кираџии или на гости и колку луѓе живеат во станот – вели скопјанка која живее во зградите покрај Католичка.

Во дворот на оваа црква, папата ќе има средба со младите, а во катедралата, пак, со свештениците и со нивните семејства, како и со богопосветените лица.

Католичката црква ќе биде неговата последна дестинација, додека прва ќе биде Претседателската вила на Водно, каде ќе се сретне со државниот врв, цивилното општество и дипломатскиот кор.

И на оваа рута полицијата прави проверки, па дури и во клиниките во склоп на Комплексот клиники „Мајка Тереза“, кои излегуваат на страната на истоимената улица. Полицијата од клиниките со стотици вработени веќе побарала список на лекари, медицински сестри и на сите други вработени.

За ваквите безбедносни мерки се обративме и до МВР, но оттаму до моментот на објавување на овој текст не добивме одговор.

Поглаварот на Римокатоличката црква во Македонија ќе дојде од Бугарија каде ќе престојува во градовите Раковски и Софија. И таму, безбедносните мерки кои ќе се преземат ќе бидат од прв степен. Од бугарското МВР јавно кажаа дека обезбедувањето на посетата и спроведувањето на европските извори им се двата главни приоритети за годинава.

Таму, во рамки на безбедносните служби е формиран штаб кој ќе се грижи сѐ да помине во најдобар ред, а генералниот секретар на нивното МВР, Иваило Иванов, најави дека станува збор за посета од висок ризик и поради тоа делови од Софија ќе бидат блокирани, а сообраќајот целосно запрен.

Според пишувањата на медиуми од соседството, претставници на безбедносните служби, логистика и лица од протоколот на Ватикан од февруари воспоставиле соработка со Бугарите, веќе ги провериле и правеле проби на рутите по кои ќе се движи папата Франциск.

Македонската јавност не памети безбедносни мерки од блиско минато какви што се преземаат во пресрет на оваа историска посета.

Меѓутоа, тие од соседството предизвикаа голем интерес кај сите медиуми во регионот. Во јануари годинава во Белград имаше досега невидени мерки на безбедност за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин. Беа ангажирани околу 7.000 припадници на сите безбедносни служби и околу 250 руски специјалци и три српски мига. Се пишуваше и за личното обезбедување на Путин чии членови се најмалку 20 сантиметри повисоки од него, но на изглед не се воочливи.

За безбедноста на рускиот претседател, иако поради безбедносни причини немаше официјални информации, се шпекулираше и оти во Белград се пуштени и двајца негови двојници, а тајните агенти ги нарекуваа и „духови“ бидејќи за овие луѓе никогаш не се знае со што се занимаваат, а можат да бидат и продавачи на зеленчук.

ФОТО: EPA / ETTORE FERRARI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...