Европеизација на јавната администрација

899

Магистрирав европска јавна администрација во периодот 2001-2003, во Белгија, на програма која ги подготвуваше државните службеници на европските институции, но и оние кои треба да ги подготват земјите кандидатки за членство во Унијата. Оттогаш и академски и професионално се занимавам со јавни политики и јавна администрација и буднo ја следам реформата на администрацијата која никако да се усогласи со стратешката цел на земјава ЕУ членство. Затоа минатиот петок не ме изненади изјавата на Дамјан Мaнчевски дека Владата се плаши дека нема кадар за преговори.

Имено, за да станеме ЕУ членки земјата треба да го усогласи своето законодавство со европското. Тоа регулира области од општественото живеење што нашето законодавство не ги регулира. За да се направи тоа сите земји кои минале низ евро-интегративните процеси создале еден слој на специјализирана јавна администрација која е стручна во правото на ЕУ, како и процедурите на носење одлуки во ЕУ (дури и кога не си член во Унијата преку разни тела и работни групи може да се учествува во креирањето на новите политики) и нивна имплементација во насока на постигнување на стратешките цели на ЕУ. Оваа администрација е одговорна за приближувањето, е водилка на останатите колеги во ресорните министерства да ги постигнат вредностите, знењето и вештините и да обезбеди основа за градење капацитет на земја членка преку градење капацитет за вклучување во европската административна област.

Сите земји членки на Унијата во периодот пред членството градеа ваков специјализиран слој на стручни и компетентни лица во европските политики, економија и право. Во процесот на проширување бројот на администрацијата на сите кандидатки за членство растеше. Но, новите вработувања секогаш беа во областите каде државата го прошируваше своето делување заради регулирањето на нови сфери (на пример: безбедност на храна, енергетска ефикасност, стандардизација, перење пари и сл.) како резултат на приближувањето на националното со законодавството на ЕУ. На пример, се отвораа агенции, регулаторни тела, институти и сл. заради новите стандарди и политики кои произлегуваат од ЕУ интеграцијата во кои се вработуваат лица кои имаат соодветна стручност (на пр. биолози, технолози, метереолози, инжењери и сл.). Во моментот кога земјите стануваат членки започнува и трендот на намалување на јавната администрација. Ова може да се опсервира од повеќе случаи, а најблиски ни се оние на Хрватска, Словенија, Естонија итн.

Но, ако погледнеме што се случува кај нас ќе забележиме дека во Македонија постојано бројот на администрацијата расте. Се прават нови систематизации и функционални анализи, а ниту една не е направена од перспектива на капацитет на земја членка на Унијата или во насока на пристапување кон европската административна област. Скоро постојано се зголемува бројот на администрацијата заради обезбедување на партиските кадри со работа, наместо постигнувањето на стратешката цел – ЕУ членство.

Сега ако направиме пресек ќе забележиме дека стручните позиции кои се потребни заради новорегулираните области кои произлегуваат од ЕУ интеграцијата се празни, а институциите ни се полни со кадар кој нема специфична професионална подготовка или компетенции значајна за ЕУ членството. Дополнително, лицата кои работат на ЕУ во посебните одделенија за интеграции по министерствата и во Секретаријатот за европски прашња постојано се одлеваат во отсуство на политика на државата за задржување на ваквиот кадар.

Веќе две години со агенда за забрзано членство во ЕУ не направивме ниту реформа на админситрацијата во таа насока, ниту вработувањето во јавниот сектор е во насока на подготвување за членство или барем градење капацитети за отпочнување на преговорите за членство. Ова го зборувам од почетокот на мандатот на Владата дека најпрво треба да се концентрираме на реформи и да градиме административен капацитет за членството. Оттука целосно се согласувам со професорката Силјановска која во саботата во говорот на централниот собир во рамки на нејзината кандидатура за претседателка, спомена дека на Македонија ѝ треба европеизација на јавната администрација. Таа европеизација се однесува и на надминувањето на политизацијата, непотизмот, кронизмот во јавниот сектор, во воспоставување европски вредности, но пред сѐ, значи вработување на лица кои се стручни и компетентни за да изградиме капацитет на земја членка и да водиме преговори со лица кои се на исто ниво како и државните службеници во ЕУ институциите. Такви имаме. И Министерот Манчевски посочи дека огромен капацитет има, но надвор од државната служба. Но, таквите треба да не ги бараме надвор од институциите туку да ги внесеме во јавниот сектор.

Македонија не смее да плаќа двапати за ЕУ. Еднаш за државната служба која треба да нѐ приближи до ЕУ и да ги имплементира тие политики, каде се вдомени партиските кадри; и вторпат плаќајќи ги тимовите надвор од јавниот сектор зашто Владата не успеала да ги задржи или вработи на сметка на партиските интереси ваквите стручни и компетентни лица во државната служба. Тоа не е европеизација! Може да е краток пат, брзо решение за горлив проблем (за кој имаа време и можеа да го пресретнат и решат), но не е одржливо решение и не прави земјата да изгради или да покаже дека има капацитет на земја членка!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...