На Клиниката за гинекологија во Скопје во последните три месеци биле примени три пациентки заболени со морбили, кај кои бил извршен абортус.
Двете пациентки се јавиле на првостепена комисија за прекин на бременост поради заболување од морбили, а третата пациентка била во 22. гестациска недела.
Третата пациентка била од Велешко и имала претходно три царски реза од кои последниот бил пред 18 месеци. Пациентката по последниот царски рез имала претходно мртов плод.
„Стануваше збор за обезна пациентка со преегзистирачка хипертензија. Таа имаше осип во прилог на морбили. По приемот на Клиника настана спонтан абортус на мртов плод, по што е направена инструментална ревизија на матката. Постапено е по сите протоколи за третман и изолација на пациентката, по совет од инфектолог и од комисијата за интрахоспитални инфекции. По стабилизација на состојбата, пациентката беше испишана од нашата Клиника и со придружба беше испратена за натамошна хоспитализација и третман на Клиниката за инфективни болести во Скопје“, соопшти ГАК.
Оттаму соопштуваат дека пациентките заразени од морбили се изолираат во посебна просторија и имаат посебен хигиенски третман. По завршување на интервенцијата просториите се чистат со дезинфекциски средства и се кварцаат, а персоналот користи заштитни маски. Кај персоналот на ГАК нема заразени од морбили.
Од Клиниката потсетуваат дека морбилите како инфективно, високо заразно заболување, подедакво ја загрозува трудничката популација како и децата. Ризиците од појава на заболувањето се повисоки помеѓу невакцинираната трудничка популација. Досегашните искуства покажуваат дека заболувањето е поврзано со повисока стапка на спонтани пометнувања (абортуси) кај пациентките кои заболуваат во рана фаза од бременоста. Заболувањето не е поврзано со зголемен ризик од вродени аномалии, но ризикот од предвремено породување кај овој дел од трудничката популација е поголем и директно е поврзан со фебрилната фаза на болеста.
Како последица на повисоките стапки на предвремено породување, расте и стапката на перинаталниот морталитет. Што се однесува до ризиците по здравјето на мајката, заболувањето е поврзано со повисок ризик од компликации на респираторниот систем.
Варичелата и рубеолата се поврзани со зголемени ризици од појава на вродени дефекти, интраутерин застој во растот и развојот на плодот, што резултира со раѓање на плод со пониска родилна тежина од очекуваната, како и со зголемен ризик од интраутерина фетална смрт. Во случаи на пациентки со варичела, која се јавува во очекуваниот термин за породување, има сериозна опасност од заболување со респираторните компликации и компликции на централниот нервен систем кај новороденото.