Грција ќе ги поддржи напорите за обнова на Нотр Дам

159

Грчката министерка за култура Мирсини Зорба во интервју за радиото „Практорио фм“, истакна дека Грција ќе ги поддржи напорите за обновување на Богородичната црква во Париз и „веднаш ќе се разгледа тоа“.

Паралелно, државниот врв, но и опозицијата во Грција изразија жалење за катастрофалниот пожар на Нотр Дам, јави дописничката на МИА од Атина.

Претседателската палата соопшти дека по наредба на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, неговиот генерален секретар стапил во контакт со амбасадорот на Франција во Атина, Кристоф Шантепи и побарал од него на шефот француската држава Емануел Макрон „да му пренесе чувство на длабока тага и искрена солидарност за трагичниот инцидент со катастрофалниот пожар во катедралата во Париз“.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас, Министерството за надворешни работи на Грција, како и претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис синоќа се огласија преку нивните официјални Твитер профили.

– Длабоко жалиме за катастрофата во Богородичната црква во Париз. Не е само национална катастрофа за Франција, туку и за европското и светското културно наследство. Емануел Макрон, ние сме со вас – напиша Ципрас.

– Не постојат зборови за да го изразиме нашето жалење за катастрофалниот пожар што го зафати Нотр Дам во Париз, симболот на градот на светлината. Изразуваме огромна поддршка за Франција и за францускиот народ во овој толку тежок момент – објави на Твитер Министерството за надворешни работи на Грција.

– Сликите од Нотр Дам во пламен се апсолутно тажни за гледање. Нотр Дам е историско и религиозно обележје на Париз, Франција и на Европа. Сите наши мисли и молитви, вечерва се со Французите – напиша синоќа Мицотакис на Твитер.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...