Политичката елита не се плаши дека цензусот ќе ги урне претседателските избори

404

Власта и опозицијата се убедени дека в недела, на првиот круг од шестите претседателските избори во земјава, граѓаните масовно ќе излезат на гласање за својот политички фаворит и дека не постои опасност да биде доведен во прашање законскиот цензус кој би ги испроблематизирал изборите.

Политичката елита не стравува дека изборите ќе паднат на цензусот во вториот круг.

Неофицијално, проценките и на двете најголеми политички партии, иако и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ тврдат дека нивниот кандидат ќе ја однесе победата, се дека тесна ќе биде разликата во освоените гасови и кај двајцата кандидати Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски, така што нема да има простор за какви било маневри со гласачкото тело, односно повикување на бојкот.

Мотивот на политичките перјаници, пред сѐ, ќе биде насочен да се победи политичкиот противник, па оттаму дури се очекува во вториот круг повиците за излезеност да бидат уште погласни.

Друга е приказната ако се случи во првиот круг да има драстична разлика во освоените гласови, која во партиските штабови не ја прогнозираат, па оттаму такво сценарио би предизвикало сомнеж во регуларноста на гласањето и реакција кај политичкиот противник. Во ваков случај не се исклучува можноста од повик за бојкот на вториот круг, кога треба да се постигне законскиот цензус. Засега на сцената на политичкиот двобој на Силјановска и на Пендаровски има само засилени повици до граѓаните да го искажат својот став во гласачките кутии.

Во контекст на тезата дека до недела политичките водачи ќе го мотивираат гласачкото тело да излезе на гласање за да се извојува победа, се и честите повици од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, граѓаните масовно да излезат на изборите затоа што како што вели тој „ова не се само претседателски избори, ова се избори каде се одлучува за иднината на нашата татковина“.

– Затоа е потребно на 21 април и на 5 мај масовно да излеземе и да го поддржиме идниот претседател на Република Македонија – порачува Мицкоски на секој митинг во кампањата.

Тој ја повика и администрацијата на гласање:

– Се обраќам до вработените во јавната администрација, сите вие вработени сте со име и презиме и имате свое достоинство, чест и углед, не дозволувајте да бидете застрашувани, не потклекнувајте на уцените и заканите кои знам дека ги имате.
Бидете храбри, излезете и гласајте во своја волја, зад параванот сте сами и ниту една уцена, нека не ја смени вашата одлука да одберете правда за Македонија.
Мотивот на опозицијата да не ги бојкотира изборите, некои го читаат и во изјавата на кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова.

– Ако нема цензус од 40 проценти ќе си го сменат Уставот и ќе си решат претседателот да се бира во Собранието, а тогаш се знае како ќе се избире со политички пазар – оцени Силјановска.

И премиерот Зоран Заев на сите досегашни настапи во кампањата со заедничкиот кандидат Стево Пендаровски ги повикува граѓаните на гласање. Заев ги мотивира гласачите, независно од политичката и од етничката припадност, во име на продолжувањето на евро-интеграциските процеси и концептот „Едно општество за сите“, да го поддржат заедничкиот кандидат за претседател, Стево Пендаровски.

Тој вчера во телевизиско гостување изрази уверување дека цензусот ќе биде постигнат, а ако не се случи тоа, по сугестии на министерката за правда, Рената Дескоска, Заев ги повтори можните опции за излез од евентуалната политичка криза во случај изборите да пропаднат, а кои се предвидени во Уставот. Тоа претходно го напомена и првиот човек на ДИК Оливер Дерковски, но Заев не ја исклучи можноста и за промена на Уставот во кој или би се укинал цензусот, или претседателот би се избирал во Собранието.

Уставот вели дека за претседател на Републиката е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи. Ако во првиот круг ниту еден кандидат за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови.

Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето. За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од половината избирачи.

Во истиот член се појаснува дека „доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка“.

Според претседателот на ДИК Дерковски, доколку во вториот изборен круг не се исполни цензусот од 40 отсто, претседателот на Собранито ќе треба да распише нови избори, а во скратена постапка ДИК ќе ги спроведе новите избори.

Изборите од денот на распишување треба да се организираат и да се спроведат за 40 дена. Се повторува комплетно целата постапка – од нови рокови за кандидирање, нови рокови и можности за собирање потписи на кандидатите. Дерковски неодамна изрази уверување дека ќе се исполни цензусот и дека ќе има доволен број излезени гласачи. Тој сепак, додаде дека најголемата опасност околу излезноста е можноста изборите да се бојктираат, но изрази очекување дека нема да дојде до таква ситуација.

Право да гласаат на шестите претседателски избори имаат 1.808.131 избирачи, од кои 1.726.696 во земјава и 77.579 во странство, а за да се избере претседател во првиот круг на гласање еден од кандидатите треба да освои мнозинство од гласовите од вкупниот број на запишани избирачи. Тоа значи дека на контото на победникот треба да има 904.066 гласови, што според политичките аналитичари е невозможа мисија.

Македонија ќе го добие новиот шеф на државата на 5 мај, во вториот изборен круг. Тогаш ќе биде избран кандидатот кој освоил мнозинство од гласовите, ако на гласање излегле 40 отсто од запишаните избирачи, односно ако гласале повеќе од 723.253 граѓани.

Првиот изборен круг е закажан за 21 април, а второто гласање ќе биде на 5 мај.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...