Хан: Би било неодговорно ако ЕУ не ги исполни своите ветувања

239
ФОТО: EPA / STEPHANIE LECOCQ

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан се надева на позитивна одлука за Северна Македонија на Советот во јуни и смета дека ќе биде неодговорно ако ЕУ не ги исполни ветувањата што ги даде за нашата држава, особено, како што вели, по видливиот напредок во реформите и историскиот пробив со Преспанскиот договор.

– Ако нашите земји партнери испорачаат реформи, членките на ЕУ мора да испорачаат исто така, доведувајќи го процесот на пристапување во следна фаза. Придржувањето кон нашите ветувања е прашање на кредибилитет на ЕУ. Второ, интеграцијата во ЕУ на Западен Балкан е во интерес на самата Унија: тоа создава стабилност, просперитет, како и демократски и инклузивни општества во нашето непосредно соседство. Перспективата за ЕУ е клучен двигател на реформите. Трето, би било неодговорно ако ЕУ не ги исполни своите ветувања. Не само затоа што тоа би можело да доведе до назадување во реформите, туку и поради нашите конкуренти во регионот, како што се Кина, Турција, Русија, кои имаат различни вредности и може да ги искористат предностите од нашето двоумење и да го зголемат нивното влијание. Ако ЕУ навистина сака да стане глобален играч, мора да го интегрираме Западен Балкан и да ги здружиме силите во справувањето со заедничките предизвици како миграцијата, климатските промени и организираниот криминал – вели Хан во интервју за „Независен“ коментирајќи ги резервите на одредени земји членки за датумот за почеток на преговори.

Коментирајќи ги актуелните политички случувања во земјава, Хан изразува надеж дека Преспанскиот договор нема да биде жртвуван заради партиско-политички причини имајќи предвид дека е дел од кампањата за претседателските избори.

– Преспанскиот договор е постигнување од историски димензии, признаено од меѓународната заедница. Тој испраќа позитивен сигнал до целиот регион дека помирувањето во Западниот Балкан е можно со политичко лидерство и со ориентација кон иднината. Се надевам дека ова достигнување нема да биде жртвувано поради партиски политички причини. Во интерес на земјата е ова остварување да биде неповратно, како и реформите направени во клучните приоритетни области. Време е политичките лидери на Западниот Балкан да размислуваат на долгорочен стратегиски начин,  т.е. што е најдобро за нивните земји и граѓани, наместо да ги следат партиските политички размислувања – порачува Хан.

Прашан во врска со барањата за амнестија поднесени од осудените за „27 април“, еврокомесарот за проширување го повика претседателот Ѓорѓе Иванов да не се меша во судските постапки, порачувајќи му индиректно да заборави на амнестијата.

– Како и во претходните слични прилики, можам само да апелирам до претседателот во заминување да не се меша во тековните судски постапки – вели Јоханес Хан

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...