За поделба на власта и „добрата синергија“   

„Поделба на власта“ се дефинира како збир на принципи кои ја ограничуваат и контролираат апсолутната власт и ја засилуваат уставноста (конституционализмот).

781

На повеќе настапи пред јавноста, Гордана Сиљановска повторува една многу цитирана мисла на Лордот Актон, британски историчар од крајот на 19 век,  дека доколку нема поделба на власта, последицата ќе биде, апсолутна власт.  Значи, власт без ограничувања и контрола.

Тоа го вели кога зборува за ситуација број 1:  ако на претседателските избори победи кандидатот на сегашната власт.

Во ситуација број  2, ако таа победи на претседателските избори, очекува предвремени собраниски избори, на кои ќе дојде на власт сегашната, наводно реформирана опозиција, со што ќе се создадела „добра синергија“ меѓу претседателот и извршната власт,  околу политиките каде им се вкрстуваат  патиштата а тоа е:  неодобрување на Охридскиот договор, несогласување со границите на општините од 1994, со законот за јазиците и со Преспанскиот договор.

Граѓаните на избори сами ќе одлучат дали сакаат лошите духови од шишето одново да бидат ослободени, националистичките страсти потпалени а поделбите продлабочени. Јас си ставив во задача кратко да одговорам на прашањето дали власта во раце на една партија (законодавната и извршна) е апсолутна власт или „добра синергија“?

„Поделба на власта“ се дефинира како збир на принципи кои ја ограничуваат и контролираат апсолутната власт и ја засилуваат уставноста (конституционализмот). Оваа идеја потекнува од Монтескје, Француската декларација за правата на човекот и граѓанинот, Федералистичките тетратки на Медисон и претставува придобивка на либералната политичка мисла и пракса. Синоним за „поделба на власта“ со време стана американскиот политички систем на „checks and balances“ или „пречки и рамнотежа“. Смислата на оваа уставна процедура е во тоа што секоја гранка на власта може да ја ограничи употребата на власт на другата гранка, така што ја споделува власта или ја контролира. Познати институти на американскиот претседателски систем на „пречки и рамнотежа“ се на пример, претседателското вето или одлуките на Врховниот суд кои ја оценуваат уставноста на законите и со тоа го принудуваат  законодавното тело да работи во рамките на своите уставни надлежности.

Во Франција и во Германија постои ригидна поделба на власта која бара исти личности да не седат во трите гранки на власта. Речиси сите европски земји, со исклучок на Велика Британија, имаат посебни судови што вршат судска контрола на уставноста и законитоста. Денес не е спорно дека поделбата на власта е признаен либерален принцип. Постои скоро целосна согласност дека судовите односно уставниот суд е институцијата која го применува принципот на поделбата на власта преку судската (уставната) контрола.

Од институционален аспект, нашиот устав ги усвоил сите поважни принципи на поделба на власта, иако не е претседателски, туку власта e во рацете на избраниот законодавен дом и извршното тело (а помал дел на извршни функции му припаѓаат на претседателот на државата). На пример, претседателот на владата и министрите не можат да бидат пратеници а судската функција е неспојлива со вршење друга јавна функција.

Претседателот во нашиот систем има право на ограничено вето, но доколку два пати Собранието го изгласа спорниот закон, тој е дожен да го потпише. Покрај тоа постојат низа уставни правила кои ги уредуваат односите меѓу трите гранки на власта и кои го засилуваат принципот на „пречки и рамнотежи“ без оглед дали претседателот и владата се од иста или различна партија/коалиција. Зошто тогаш, толку масовно се кршеа човековите права, како што беше нелегално прислушување на граѓаните, се злоупотребуваше власта а „пречките и рамнотежата“ обично се сведуваа на опструкција на демократскиот процес?

Најкусиот одговор е дека затаивме како луѓе, интелектуалци, општество. Голема одговорност за тоа носи криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, чии функционери денес се предмет на судски процеси.

Нема многу смисла па ни оправдување, ако кандидатот за носител на највисока функција во државата, зборува за право, устав или „поделба на власта“, а не е спремен да ја осуди злоупотребата на власта од страна на партијата која го кандидира и која десет години имаше апсолутна контрола врз законодавната, извршната и судската власт. Тука е крај на дебатата за „поделба на власта“ а „добрата синергија“ не значи ништо.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...