За изборните анкети, гравчето и „иглените уши“

Што се однесува до среднорочните интереси на гласачите на албанските партии и од власта и во опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ не штедеше сили јасно да им стави до знаење дека Пендаровски мора да победи, бидејќи сè друго би било глумење лудило. Просто како гравче во војнички казан!

2698

Таман кога си помислив дека сè сум видел во областа на политичката пропаганда и дека ретко што може во таа област да ме орасположи, кога вчера, од никаде, се појави „анкета“ на Гласот на Америка, објавена точно во последен момент од законски дозволениот рок за такви анкетни публикации, а која личи на 103% лажна вест!

Во ова „истражување на јавното мнение“, веројатно спроведено на „примерок“ од неколкуте вработени во редакцијата на Гласот на Америка на македонски јазик, резултатите за тоа како ќе гласаат граѓаните на земјава се тотално бесмислени, но објаснувањето под анкетата е бесценето: „Анкетата на Гласот на Америка на македонски не е научно истражување на јавното мислење и го одразува личниот став на учесниците во анкетата“

Пффффф-кхкха-ха-ха-ха-ха… Немој, бе!? Па, ако „ненаучно“ сте зе зафркавале со личните ставови на пауза за кафе, што сте ги шлапнале резултатите на официјалната интернет страница на вашата, инаку, угледна програма?

Сакам да кажам, не се возбудувајте многу со истражувањата на јавното мислење и околу овие избори во Македонија, дури и кога се пародија на чија табла стои именката „Америка“. Од сите посериозни анкети (и објавени и необјавени) е јасно, без разлика што секаде води кандидатот Стево Пендаровски, дека разликата е релативно мала, се брои во неколку десетици илјади фактички гласови, и дека оваа изборна неизвесност, особено во првиот круг, ќе ја решат две работи: колку секоја од партиите ќе ги „спотера“ да излезат на гласање своите сигурни поддржувачи; и во колкав број неопределените ќе решат да не се појават на гласачките кутии, односно ако се појават, да не шкртаат бесилки и мајмунчиња на гласачките ливчиња?

Всушност, веројатно најдобрата варијанта за идната политичка стабилност на земјата е резултатот по првиот круг на гласање да биде релативно близок меѓу водечките кандидати Пендаровски и Силјановска Давкова. Тоа ќе значи максимален партиски ангажман и од власта и од опозицијата за излезност во вториот гласачки круг, за изборите „цензусно“ да не пропаднат.

Таквата евентуална резултатска неизвесност, сама по себе, ќе биде успех за Мицкоски, бидејќи ќе значи дека најверојатно обезбедил доволно гласови за да го зацврсти своето владеење во партијата, иако на Груевски му треба победата на Силјановска Давкова, а не резултат што ќе може да се толкува како „статива“, без чист гол. Парадоксално, можеби „тесниот“ пораз – ако, веќе, победата е вон реален дофат – најмногу му одговара и на Мицко, со оглед на неговата задоцнета политичка адолесценција под сенката на партискиот „старател“.

За Заев, пак, секоја „тесна“ финална победа на Пендаровски – на „кристално чисто спроведени избори“ – ќе претставува поттик за натамошни реформи на патот по кој нè убедува дека ја води земјата, за што ќе треба да приложи уште многу бескомпромисни и фактички докази, што сега му се во дефицит. Инаку веќе во идната изборна година ќе може да се надева на лесно предвидлив бродолом. Дотолку повеќе што ќе го има Пендаровски на чело на РСМ, за кого уште сега треба да е јасно дека ќе биде многу незгоден и реален „надпартиски“ претседател на државата, какви и сегашни очекувања да негува СДСМ со него.

Што се однесува до среднорочните интереси на гласачите на албанските партии и од власта и во опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ не штедеше сили јасно да им стави до знаење дека Пендаровски мора да победи, бидејќи сè друго би било глумење лудило. Просто како гравче во војнички казан!

Затоа, оваа „игранка“ сè уште не е завршена, без разлика што покажаа до сега и научните и ненаучните објавени истражувања на јавното мислење. Има шанси, веќе традиционално, и овој пат да се провнеме „низ иглените уши“ на подобрата иднина, после што единствениот губитник – ако не се смета професорката, за која ќе се најде некое место во реформската агенда на Мајката Тереза Заев – ќе биде оној во Будимпешта.

Време е да ставиме дефинитивна точка на таа лузерска приказна.

 

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...