Македонските хематолози го внесоа јавното здравство на светската мапа (ВИДЕО)

651

Висок професионален дострел достигнаа хематолозите од Клиниката за хематологија во Скопје, со кој се испиша нова страница во македонската медицина откако лани во неомври беше извршена првата трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител во земјава. Тогаш Клиниката за хематологија објави дека јавното здравство влегува на мапата на светските и европски медицински центри за лекување на најтешките болести на крвта. Покрај 18 години сродна, од 2018 започна спроведувањето и на несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки.

Првите трансплантирани пациенти со оваа интервенција, Филип и Ристе, во видео порака го раскажаа своето искуство.

– Првпат во Република Македонија направивме трансплантација на матични клетки од несроден донор кај пациентот Филип Димишковски (22), кој боледуваше од акутна миелобластна леукемија, и кој со ова влезе во историјата на македонската медицина. Остваруваме сон на многу генерации хематолози. Од денеска се врши и несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки. Станува збор за сложена биолошка процедура, со која се лекуваат најтешките заболувања на крвта, а сега се отвора можност покрај домашните, да се лекуваат и странски пациенти на Клиниката за хематологија – изјави тогаш д-р Ирина Пановска Ставридис, директорка на Клиниката.

За жал, ресорот здравство, сите овие години, без разлика кој бил на власт, бил извор на многу повеќе лоши отколку добри вести. Граѓаните сѐ почесто се соочуваат со последиците од континуираната криза во јавното здравство на сите нивоа. Одливот на медицински кадар станува драматичен, пациентите и покрај тоа што се здравствено осигурани неретко се принудени да бараат здравствени услуги во странство или на приватните клиники на сопствен трошок. Паѓа довербата во квалитетот на здравствените услуги кои можат да ги добијат во јавните здравствени установи. Но, иако јавното здравство е предмет на постојани критики, сепак одредени клинички стручни проекти, како овој на Хематологија, му пркосат на општиот впечаток дека државата не може да најде стратегија за да го избави здравството од комата во која е западнато подолг период.

Директорката Ирина Пановска Ставридис заедно со менаџерскиот тим, стручно-медицинскиот и техничкиот персонал на Клиниката за хематологија, работејќи посветено, создадоа услови еден од најсовремените методи во светот да стане достапен и кај нас.

Благодарение на серија вистински потези денес се лекуваат тешки малигни заболувања на крвта по еднакви процедури, како и во било кој светски или европски современ медицински центар. Пациентите не треба повеќе да патуваат во странство и да плаќаат огромни пари за лекување на ваков тип болести. Со ова се оствари професионалниот сон на една цела генерација хематолози. Овој викенд оваа успешна приказна на Клиниката за хематологија продолжи со еден стручен меѓународен настан.

Како поддршка на кампањата за подигнување на јавната свест за потребата од донори со наслов „Биди срцевина, биди херој“ се одржа работилница со присуство на 60 врвни експерти-хематолози кои ги споделија своите искуства, но и го поздравија успехот на Клиниката за хематологија, која заедно со Институтот за имунологија и хумана генетика, станаа дел од светскиот регистар на потенцијални донори на коскена срцевина. Клиниката за хематологија потпиша и Меморандум за соработка со Клиниката за детски болести, со што почна со изведување алогени трансплантации, сродни и несродни трансплантациии кај деца постари од 3 години.

– Бидејќи сите сме потенцијални пациенти овие успешни проекти ја заслужуваат нашата поддршка и медиумско внимание. Тимот на Клиниката за хематологија е свесен дека враќањето на довербата во јавното здравство е долг и макотрпен процес кој бара трпение и упорност – велат од Клиниката за хематологија.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...