Заев и Ахмети разговарале за името и за проширување на коалицијата

400

Премиерот Зоран Заев потврди дека вчера во Собранието имал средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети. Како што рече денеска на прес-конференција, одговорајќи на новинарски прашања, станало збор за проблемот со Грција, очекувањата од денешните случувања во Виена и за проширувањето на владината коалиција.

На Владата, истакна Заев, и треба постабилно парламентарно мнозинство зашто следуваат сериозни одлуки за Македонија.

До 10 април, потенцира премиерот, се очекува да бидат именувани замениците-министри на испразнетите места, директорите на јавните претпријатија и државните секретари, а до 17 април да се донесат реформските закони предвидени со Планот 3-69.

– Вчера поголем дел од времето поминав во кабинетот на претседателот на Собранието Џафери зашто до 15 април сакаме да ги донесеме реформските закони. На 10 април повеќето ќе бидат на седница, а заклучно со 17-ти, кога треба да го добиеме извештајот од Европската комисија, очекуваме да бидат усвоени, рече Заев и додаде дека по извештајот, на 17 април очекува важни посети, на Могерини и Хан, за, како што истакна, убави работи.

Во врска со ставот што го изнесе рускиот амбасадор Шчербак, премиерот изрази надеж дека двете земји ќе бидат фокусирани на градење пријателство, а не на кавги.

– Постапивме согласно законите и Виенската конвенција. Македонија има стратешки цели, а тоа се членството во НАТО и ЕУ. Не бараме членство во Алијансата за некого да напаѓаме, туку за мир во светот и почитување на човековите права, нагласи Заев, дополнувајќи дека земјава останува на длабоката определба да ги унапреди односите со Русија.

Заев на прес-конференцијата уште еднаш апелира да се дозволи донесувњето н законот за употреба на јазиците.

– Да го пуштиме законот да живее за да видат сите дека нема ништо страшно во него и дека сме растоварани од какви биле предрасуди. Блокирањето значи дека некој се плаши законот да заживее, но кога ќе биде донесен сите ќе сфатат дека немало потреба и тоа било лага, рече Заев.

Според него, за законот има две опции или да оди пред Уставниот суд или она што го разгледуваат правните тимови во Собранието и другите институции.

Во врска со воведувањето прогресивен данок, премиерот порача дека не треба да се плашиме од ниту една реформа што ќе биде донесена со дебата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...