Две крастави жаби

6748

Уште од онаа вечер (27 април 2017) кога сегашниот премиер се појави на „Телма“ со крупна, тазе-лепенка на чело и кога ја изговори онаа тивка, огорчена реченица: „Не спомнувајте ми го тој бандит (Чавков), ни името не сакам да му го чујам!“, почна да ми се врти во главата една еретичка мисла за која ни сега не сум сигурен дека е време да ја формулирам. Таа мисла гласи приближно вака: дали премиерот Заев е par exelence вонсериска политичка фигура која мора да се носи (и калкулира!) со силно  политичко сивило околу себеси? Или, напротив, токму тоа сивило му помага да се издигне и да блесне како вонсериска политичка фигура, сив израз на сива политичка супстанца?

Најпрвин, за какво политичко сивило станува збор? Дали е тоа хомогено? Голта ли силни, маркантни политички ликови од првиот ешалон околу Заев? Или, напротив, во прашање е цел спектар од сиви нијанси со крајните полови: а) итро, елегантно, суптилно, византиски рафинирано на една, кое се одржува во седло во која било СДСМ-верзија и перверзија (Шекеринска)?; и б) себично, самодоволно, чорбаџиско сивило на друга страна кое своите чорби ги плаќа со министерски картички; варварски фриволно (О. Вајлд велеше: „фриволноста е порок!“) кое по којзнае кои божји мистерии и каприци дошло до солидно седло во ударната аристо-СДСМ-кавалерија (Кирацовски)?

Во прилог на теоријата дека станува збор за сивило кое води главен збор во структурите на СДСМ, со кое мора да научи да се носи секој што има намера да се одржи на чело на таа партија, зборува непосредната, кратка историја на СДСМ. Најкусо, таа историја може да се опише како тивка брутализација. Почна во времето на В. Бучковски. Тој се потпре врз сивите „теренци“ и „оперативци“ во тогашната борба за „кормилото“ на СДСМ. Тие, во нивниот козачки налет просто ги прегазија анемичните, салонски СДСМ-интелектуалци. Тие беа за нив паразати кои живеат врз грбот на полнокрвните „теренци“ и „оперативци“.

Први против тој внатрепартиски популизам кренаа глас В. Милчин („тоа веќе не е оној СДСМ кој го знам!“) и Н. Поповски. Набргу ги снема од високите структури на СДСМ. Потоа уследи сепаратизмот на титовистите. Во тоа време Тито Петковски стана „предавник“ за Бучковски. Процесот „тивка брутализација“ ги доби своите контури на некогашните болшевици-сталинисти кои ги збришаа салонските интелектуалци троцкисти. Накусо, таа тивка брутализација еволуира во внатрепартски авторитаризам кој може само донекаде да се контролира со сочно парче крваво месо под видот клиентализам, непотизам и тендеризам – цена што ја плаќа сега секоја партиска елита на СДСМ.

Во прилог на теоријата дека сивилото за кое тука станува збор е нешто како вистински лик на политичката фигура Заев кој, барем сега за сега, не може да се види од заслепителниот блесок на спектакуларниот Преспански договор, зборува колумна на Софија Куновска, некогашен висок функционер на СДСМ кој паднал во „немилост“ само затоа што кренал глас против сите оние „аморални аминџии“ во СДСМ кои му допуштиле овластувања на Заев сам да постава „свои луѓе“ во сите ешалони од партиските структури.

Ако е точно тоа што го напиша и потпиша Куновска, ако алчните аминџии во структурите на СДСМ навистина и статутарно му допуштиле такви деспотски овластување на својот шеф (со видлива намера да го задоложат, да го направат зависен за да игра по нивна свирка!) кои не се разликуваат од оние на Никола Груевски или пак на неговата верна копија Мицкоски, тогаш со полно право ќе се помислува: дали, зад милоликата, толерантна и демократска фасада на Заев не се крие авторитарна природа која, порано или подоцна, вака или онака, мора да ги покаже своето влакно и ќуд?

Добро, ќе се рече, можеби, дека такви деспотски овластување биле дури неопходни во време кога СДСМ беше во опозиција. Кога беше под невиден терор на деспотскиот груевизам. Кога му се закануваше реална опасност да го снема од политичката сцена. Ама, оттогаш па наваму истекоа многу демократски води. Ако Заев како шеф на СДСМ сè уште ги држи и одржува тие овластувања, тоа може да зборува само за две крастави жаби кои, веќе, не се голтаат:

а) или таа партија е сè уште под закана од исчезнување што е делумно точно. Зошто? Затоа што нова, многу непријатна појава во евро-политичкиот амбиент е: обичниот свет (француските жолтите елеци!) не им верува веќе на нивните политички елити од кои било бои, табиети и марифети!;

б) или авторитарниот политички стил на Заев е дух и природа кои вешто се скриваат; кои не само што имаат потреба од свое, функционално политичко сивило, туку и самите го генерираат: затоа што во него се чувствува како риба во вода; затоа што тоа сивило е воздухот кој го дишат.

Која од тие две крастави жаби е „помалото зло?“ Одберете си сами!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...