Што ќе ѝ е Грујо на Гордана?!

Повторно ќе мора масовно да се излезе и таа политика да се порази на избори. Овде човек не може ни да се опушти во помислата дека, макар на едни избори, и без него во државата ќе се одбере вистинскиот пат.

4442

Изминатите денови од претседателската кампања сега веќе сосема јасно ја „бетонираа“ најгруевистичката можна политичка линија во ВМРО-ДПМНЕ како доминантна изборна платформа. Не само што во кампањата на Мицкоски и Силјановска Давкова нема ни еден милиметар дистанцирање од наследството на Груевски, туку се чини дека тие во одбраната на „ликот и делото“ на груевизмот одат и „потврдо“ од тоа што самиот Груевски би го правел!

На пример, во оваа политичка ситуација, Груевски сигурно ќе најдеше некаква варијанта на третирање на албанските гласачи како извесен, макар минимален потенцијал за поддршка на својот партиски кандидат… Силјановска Давкова, а особено Мицкоски, политички „самоубиствено“ одат на идеолошка и политичка конфронтација со сите кои не се етнички Македонци, можеби верувајќи во претпоставката дека во вториот изборен круг изборниот судир ќе се одвива само во македонското етничко гласачко тело во кое, тие тврдат, имаат поголема поддршка од СДСМ. Само една таква непромисленост може да ја оправда ваквата, бездруго, губитничка изборна стратегија.

Понатаму, изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ просто инсистира да ги оправда политиките и практиките на режимот на Фамилијата во сите клучни точки од нивното владеење, па дури и кога ги проектира како критика кон сегашната власт. Како да се заглавени во 2016 година. Целата аргументација, целата перспектива на гледање на работите е иста. Дури, би можело да се аргументира дека, им се укаже ли повторно прилика, тие би го повториле и 27 април! Само што, со целата ретроспектива на тие случувања, овој пат ќе ангажираат похрабри и попрецизни извршители под фантомките. Според сето ова што сега го говорат, во раководството на ВМРО-ДПМНЕ има само жал за неуспехот на обидот за државен удар на 27 април.

Каква „победничка“ стратегија е тоа, да не ти дозволат да подзаборавиш на траумите од забеганиот, па пребеган Груевски?!

Во ваквиот преплет на изборниот наратив на партијата под чие знаме го трча првиот кандидатски претседателски круг се состои скандалот што го претставува целиот настап и сесрден, искрен ангажман на Гордана Силјановска Давкова. Имено, во овој контекст, можам да ги разберам мотивите и напорите на функционерите и извршителите на Груевски, бидејќи тоа е истиот кадровски апарат од тоа време, со целиот идеолошки, клиентелистички и криминален „путер на главата“ со кој ги премачка Фамилијата; но, како да се разбере комплетното фрлање во прегратката на груевизмот на Силјановска Давкова која, наводно, требаше да биде „натпартискиот“, „надгруевистичкиот“ кандидат на Груевски?!

Објаснувањето за ова задоцнето интелектуално и политичко волонтирање на Силјановска Давкова за сметка на Фамилијата, веројатно, не може да се најде во нејзиниот материјален интерес – напротив, таквите интереси таа, историски, ги помина со СДСМ. Туку, темата мора да е македонскиот национализам, познатата каша-попара која, на крајот, се сведува на „името“ и Албанците, во интерпретација на една конзервативна правна мисла во државава која со децении се негува и нè малтретира од некои од коридорите на УКИМ.

Ништо. Повторно ќе мора масовно да се излезе и таа политика да се порази на избори. Овде човек не може ни да се опушти во помислата дека, макар на едни избори, и без него во државата ќе се одбере вистинскиот пат.

А толку ќе беше убаво, од стотина добри причини врзани за сегашната власт, да можевме да ги бојкотираме овие избори…

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...