Пендаровски: Немаме повеќе генерации за губење и нема да дозволиме да не вратат назад

219

Градиме едно општество за сите и горди сме што тој концепт е препознаен како концепт за успех и прогрес. Градиме општество во кое сите сме еднакви пред законите, порача на денешниот митинг во Скопје кандидатот за претседател Стево Пендаровски.

– Вашата правда е и моја правда, вашата неправда ќе биде моја грижа, им порача Пендаровски на граѓаните.

Тој додае дека етничката припадност на граѓаните ќе му биде важна само во случај ако неко е обесправен, во сите други случаи етничката припадност е неважна, оти сите граѓани се еднакви.

– Се обврзувам како и досега да водам политики на заедништво, а не политики на поделби. Мојата искрена заложба е да се почитуваме, а не да се мразиме. Имам намера да помирувам, не да разгорувам конфликти. Како претседател сум подготвен да водам напред. Неуморно да работам на процесот за членство на НАТО, да бидам предводник на процесите што ќе доведат до членство во ЕУ – рече Пендаровски.

Според него, противкандидатката Гордана Сиљановска ниту сака ниту може да биде претседател на сите граѓани, таа единствено сака да биде наследник на Ѓорге Иванов.

– Не ни треба уште еден кочничар кој јавно се заканува дека ќе ја повлече државата назад – рече Пендаровски и додаде:

– Имаме неповторлива можност како генерација да оставиме трајно наследство. Обезбедена и сигурна држава, рамноправен член на сите сојузи. Оние кои мислат дека сигурноста можеме да ја обезбедиме без НАТО и ЕУ, се лажат себеси. Немаме повеќе генерации за губење и нема да и дозволиме на политичката опозиција да не вратат назад. На сите оние кои сакаат да не вратат назад, гласно да им порачаме дека сите заедно ќе одиме напред.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...