Филипче: Болницата во Кочани нема да се затвора, ќе стане регионален центар за ампутации

4546

Болница со проширена дејност во Кочани нема да се затвора и истите услуги кои досега беа давани ќе продолжат да се даваат на пациентите од Кочани и околните места, рече министерот за здравство Венко Филипче при посетата на болницата.

– Критикувани бевме дека ќе ја затвориме Општата болница Кочани, но не станува збор за затворање, туку за модел на нивно унапредување, каде за истите пари од Фондот ќе добиеме подобри услови за работа на здравствените работници и подобри услови за пациентите – истакна министерот Филипче.

Тој додаде дека концептот за регионализација ќе донесе голем бенефит за жителите, а болницата во Кочани ќе стане регионален центар за ампутации, каде ќе се вршат ампутации на пациенти од целата држава.

Министерот Филипче посочи дека концептот на јавно приватно партнерство ќе биде разгледан со вработените и по завршување на физибилити студиите, ќе се отвори широка јавна дебата. Дејностите ќе останат, а приватниот партнер би инвестирал во инфраструктурата.

Според специјалностите во секоја установа, ќе се направи листа на дејности и регионализација. Со регионализација ќе се зајакнат капацитетите на точно утврдените дејности во секоја установа.

Филипче истакна дека нема да биде наметнато решение, нема да се затвараат болници, туку ќе се направи реорганизација, се со цел унапредување на здравствената заштита за нашите пациенти.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...