Кога доаѓав наваму, се видов со мајка ми. Ми рече внимавај синко тешки времиња се, дали ова што го правиш ќе вроди со плод. Јас го избрав својот пат. Мојот пат е правда за Македонија. И нашите животи не вредат ни пет пари, ако немаме правда за Македонија. Може и да нѐ убијат може и да нѐ уапсат, ама вербата во правдата во Македонија никогаш нема да исчезне.
Вака, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го заврши својот говор од 10 страници на централниот митинг во Скопје, вечерва, во рамки на кампањата за претседателските избори.
Тој претходно ја критикуваше власта и посочи дека веројатно оваа година нема да добиеме препорака за преговори со Европската Унија бидејќи Владата е неспособна, а Европа значи стандарди, критериуми и вредности.
Зборуваше и за економијата.
– Се фалат имале странски инвестиции повеќе од 80 отсто се резултат на уплатена реинвестирана добивка која ја пријавија зошто владата ги покачи даноците. Значи најниска реална стапка на инвестиции. Излегоа се пофалија со наводни нови странски инвестиции, а сите се од минатата влада на ВМРО-ДПМНЕ. 2 години ги преспаа, изгубија, 2 години потрошија за да пљачкаат и уживаат во привилегиите кои што им го овозможил овој народ. Не е само опозицијата која што критикува , туку и Светска Банка кажува дека сме на дното, на самото дно во цела Европа – рече Мицкоски.
За демократијата и правдата во Македонија, рече тој, е исто како во Северна Кореја да слушате за човечки права и слобода.
За Пендаровски и за Заев рече дека се исти, лице и опачина на парича.
– Сето ова браќа и сестри може да се смени, а излезот , излезот е гласот даден за Гордана Сиљановска Давкова. Со гласот за Гордана ја одбирате Македонија, одбирате надеж и одбирате иднина. Гласот за Гордана е глас за правдата, правната држава. Со гласот за Гордана одбирате човек со кредибилитет, став и морал. Гласот за Гордана е глас за исправена Македонија, со кичма, гордост и достоинство. Гласот за Гордана Сиљановска избирате најдобар претседател на нацијата .Гласате за вашата иднина, и ги казнувате оние кои сакаат да ви ја одземат. Со дадениот глас правите разлика помеѓу доброто и лошото, помеѓу принципи, и непринципиелност – повика Мицкоски.
Тој ги повика и оние кој заговараат бојкот велејќи дека знае оти имаат причини да бидат разочарани и бесни.
– Имате една причина зошто морате да излезете, таа се вика Македонија. Со бојкотот на овие избори знаете дека му помага само на Зоран Заев, и тој потајно тоа го посакува и на тоа се надева, и на тоа работи. Некогаш треба да се биде молчалив и да се чека прилика кога треба да се биде гласен, ова е твое време. Сега треба да се биде гласен. Дојдете во нашето семејство, затоа што со нас имате многу повеќе заеднички работи, отколку со оваа однародена власт, бесот нека не ви биде поголем од љубовта кон татковината, која знам дека длабоко во срцето ја имате – рече Мицкоски.