Македонија е на нозе и Македонија е подготвена да победи браѓа и сестри, добри луѓе. Македонија ја носи промената, промената која ќе донесе правда над неправдите, ќе донесе надеж поразуввајќи ја безнадежноста, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на централниот митинг во Скопје.
– Скопје секогаш на пролет мириса на липи, но оваа пролет има и еден друг мирис, многу интензивен, многу продорен, мириса на победа, победаа, победааа над Заевизмот во Република Македонија.Заевизмот кој како диво месо го гуши секој еден граѓанин – рече Мицкоски, повикувајќи ги граѓаните на излезност затоа што, како што рече, ова не се обични избори.
А не пропушти можност ниту да ги оцрни ривалите.
– Оваа кампања го потврди сето она што го говоревме за Заевизмот, за црнилата кои тој Заевизам ни ги донесе. До таму дојде работата што истрчаа на избори без визија, на нивните митинзи освен по некоја нарачана фалба, тук так некоја поетска изведба и лош хумор од Пендаровски Стево нема да чуете ништо конкретно. Па тоа е потценување на сопствениот народ. Да го видите на билборди со онаа насмевка, и со позадина на народ кој е затемен , со заматени лица, бидејќи Пендаровски Стево по примерот на тој кој го номинираше Зоран Заев бил најважен, сето друго е помалку важно – порача првиот опозиционер.
Мицкоски рече дека Заев и Пендаровски се исти 102,5 отсто.
– Позитивното е што се виде дека и Заев Зоран и Пендаровски Стево се празни политичари. И што би рекле самите тие, навистина тие двајца се повеќе од 102.5% исти. И тоа е вистинскиот проблем за Македонија – рече тој.
Не го заборави ниту името, нагласувајќи дека премиерот се срами да каже дека има Македонци во Грција и се срами да се отпее химната пред грчкиот премиер.
– Навистина е тешко да се гледа како понизно се пењави пред грчкиот колега, како слугата од македонските народни приказни, за да не згреши нешто, зошто нели не сакал да му предизвика проблеми дома во Грција. Ама се коцка со моето и со вашето достоинство, не го донел тоа од дома туку се коцка со моето и со вашето достоинство – рече Мицкоски.