По четири месечните протести ширум Србија, денеска во 15 часот во Белград пред Собранието започна најавениот голем протест на опозицијата. Според слободни проценки, пред српското Собрание има десетици илјади лица, најмногу досега, кои и покрај опструкциите за превоз до Белград, успеаа да дојдат од цела Србија.
Од друга страна, уште од синоќа во српскиот Параламент, но и во градското Собрание на Белград, како и во општините, се наоѓаат пратеници од владејачките партии, кои ги бранат овие институции од, како што велат, „упади на насилници“.
Во српското Собрание присутни се и полициски сили.
Десетици илјади граѓани засега мирно и достоинствено протестираат, а досега на говорницата говореа повеќе јавни личности, меѓу кои и новинарот Срѓан Шкоро, професорот Чедомир Чупиќ, актерот Сергеј Трифуновиќ и други.
Од нивните говори, но и од скандирањата на присутните на протестот, испратена е порака до претседателот Александар Вучиќ да поднесе оставка. Истото се бара и до целото државно раководство. Оставки, слободни и фер избори и слобода за медиумите, се барањата на опозицијата.
На протестот „Сите како еден – Еден од пет милиони” прочитани се барањата за формирање заедничка комисија на власта и опозицијата за дефинирање на фер и праведни изборни услови, избор на нов состав на Регулаторниот тело за електронски медиуми (РЕМ) и избор на технички и уредувачкиот тим на Радио-телевизија Србија и Радио-телевизија Војводина.
Претставниците на протестот „Еден од пет милиони” порачаа дека се подготвени за разговор со надлежните органи и оти во следните денови ќе делегираат претставници за сите три предложени работни групи.
– За започнување на дијалогот, ние не само што ги определивме претставниците на опозициските партии, туку и претставниците на здруженијата – беше нагласено од собирот.
Целта на организаторите на протестите е и да се покаже сила и масовност на демонстрациите, како и да го привлечат вниманието на меѓународната јавност.
Во моментот протестната поворка се упати до српската Влада, а потоа преку плоштадот Славија ќе се врати пред српското Собрание, каде се очекува вечерва да се обратат и лидерите на Сојузот за Србија.