Заменикот министер за спорт на Грција, Јоргос Василиадис, по потпишувањето рече дека „денес е голем ден“.
– Започнуваме заеднички обид, со насмевка и сериозност и со главен критериум, подобри денови за овој регион, за овие народи, во измачениот регион со кој светот најчесто се занимава со негативни вести. Ние сакаме да ги смениме ова и светот позитивно да се занимава со нас и да докажеме дека можеме заедно да правиме работи. Фактот дека меморандумот го потпишавме овде, во Солун, ја покажува и нашата политичка позиција за иднината за отворен Балкан и Солун во центарот на сите случувања – рече грчкиот министер.
Претседателот на фудбалската федерација на Грција, Евангелос Граменос, рече дека била правилна одлуката на владите, да бидат повикани и претставници на фудбалските федерации.
– Цврсто веруваме дека целиот овој обид може да се круниса со апсолутен успех, без разлика дали ќе ја добиеме едната организација, или другата, целта е дека ова треба да се постигне. Прашањето не е само фудбалско, јас мислам дека позитивните разврски што ќе произлезат од оваа иницијатива ќе покажат дека Балканот е регион што треба прво да го истакне самиот регион и дека е способен да оди напред со големи проекти и важни организации кои ќе го нагласат регионот – рече претседателот на грчката фудбалска федерација.
Меморандумот за соработка за организирање на ЕП2028 или СП2030 го потпишаа заменикот министер за спорт на Грција, Јоргос Василиадис, министерот за спорт на Бугарија, Красен Кралев, заменикот министер за спорт на Романија, Богдан Матеј и министерката за млади и спорт на Србија, Вања Удовиќ.