Елијас Јосифовиќ од Ел Мајтен, Аргентина, потомок на македонски иселник кој во триесетите години на минатиот век пристигнал и се населил во оваа јужноамериканска држава, во потрага по своите корени по првпат го посети родното огниште на неговиот дедо Царев Двор.
Елијас живее во Ел Мајтен, а средбата со неговиот братучед Митко Маринчевски се случи деновиве со помошта што ја добил од македонската Амбасада во Бразил и на градоначалникот на Општина Ресен, д-р Живко Гошаревски. Дедовците на Елијас и на Митко се родени браќа, а Јордан, дедото на Елијас, пристигнал во Аргентина со својот брат Ангел во 1931 година, патувајќи со бродовите на Црвениот крст, како и бројни други Македонци од тој период.
– Најубав момент во работата на нашите амбасади е токму спојувањето на македонските семејства од матицата и од дијаспората. Оваа фотографија не може ни да ги долови емоциите на средбата помеѓу братучедите од Царев Двор и од Ел Мајтен во аргентинска Патагонија – вели амбасадорот Ивица Боцевски.
Тој појаснува дека пред неколку денови амбасадата добила телефонски повик од градот Ел Мајтен (El Maitén), кој што се наоѓа во провинцијата Чубут во аргентинска Патагонија. Македонците во таа област потекнуваат, вели, главно од ресенско и од битолско, а ја бараа амбасадата затоа што сакаат да го посетат своето родно огниште.
Според амбасадорот Боцевсски, најголем проблем со македонската заедница во Аргентина (и општо во јужната хемисфера) е фактот што нивните здруженија се пред изумирање и најчесто со врзани со останатите словенски народи од Балканот во кровни организации. Исто така, вели, амбасадата веќе побара од Националната библиотека на Буенос Аирес да бидат дигитализирани и врачени на самата амбасадата и на Државниот архив печатените весници и магазини кои што излегувале на македонски јазик во Буенос Аирес во 1940-тите и 1950-тите.
Статистичките податоци, покажуваат дека Буенос Аирес бил еднакво атрактивен за македонските иселеници, колку и Њујорк, сѐ до страотниот економски пад на земјата во доцниот период на првото владеење на Перон. За жал, македонските иселеници се расеани ширум Аргентина, Уругвај, јужен Бразил (пред сѐ државата Рио Гранде до Сул), околу градот Сао Паоло во Бразил и градот Лима во Перу, па дури и во низинските подрачја на Боливија. Тие највеќе работеле во градежната индустрија, како најобични физички работници, или добивале земја за работа во широките пространства на пампасите.
– Имајќи предвид дека степенот на интеграција и ефектот на „котлето за претопување“ се далеку побрзи во Јужна Америка, отколку во Северна Америка, веќе втората генерација јужноамерикански Македонци е целосно интегрирана и претопена во своите нови живеалишта, а сега амбасадата работи со третата, четвртата, па дури и петтата генерација. Притоа, нивните имињата се целосно хиспанизирани, односно лузофонизирани, а презимињата често се извитоперени за да бидат прилагодени на локалните јазици, но, сепак, постои интерес за одржување на жива врска со матицата – истакнува Боцевски.
Фактот што не постоеле македонски цркви, оневозможил создавање на цврсти и на жилави организации, па најчесто се случува тукашните Македонци да се од католичка вероисповест и да се врзани со хрватските организации. Исто така, во Аргентина ретко македонските дипломати заземале клучни позиции за време на југословенската дипломатија, па запоставена е работата со Македонците од јужната хемисфера. Во моментов, смета тој, исклучиво јазичната бариера, односно отсуството на настава на португалски и на шпански јазик, спречува да продолжи текот на македонска имиграција кон овие традиционални земји на македонското иселеништво, но веќе се присутни и бројни млади професионалци (инженери), имиграција од 1990-ите и од почетокот на 21-иот век, пред сѐ во Бразил и во Чиле.
Во последно време, а посебно по отворањето на Дипломатско конзуларното претствништво во Бразилија, расте интересот за стекнување со државјанство по основ на македонско потекло, а смета дека би било одлично доколку амбасадата добие средства за да го поддржи основањето на македонските организации во Аргентина, Уругвај и во Бразил.
– Постапката за регистрација на НВО во сите тукашни земји е исклучително комплицирана, долга и со трошоци, па често амбасадите излегуваат со значителна поддршка во овие процеси – вели амбасадорот Боцевски.
Амбасадата на Република Северна Македонија во Бразилија, главниот град на Бразил, беше свечено отворена во декември 2017 година, во присуство на претседателот на државата Ѓорге Иванов. Првиот македонски резидентен амбасадор во Бразил и во Латинска Америка Ивица Боцевски ги предаде акредитивните писма на Мишел Темел, тогаш вршител на должноста претседател на Бразил, неколку месеци порано, на почетокот на јули.