Француски суд пресуди дека Монсанто е одговорен за болеста на земјоделецот Пол Франсуа, кој го вдишувал неговиот хербицид Ласо, задавајќи и уште еден правен удар на компанијата во сопственост на германскиот Баер, која се соочува со обвиненија дека го загрозува здравјето на луѓето.
Во најновата фаза од десетгодишниот судски спор Апелациониот суд во Лион пресуди во корист на земјоделецот Пол Франсуа, кој тврди дека се разболел поради хербицидот на Монсанто, Ласо и дека тој производ не бил правилно обележан.
Педесетипетгодишниот Франсуа вели дека страдал од невролошки проблеми, вклучувајќи губење на меморија, вртоглавици и главоболки, откако при работа на фарма во 2004 година случајно вдишил Ласо.
– Г-дин Франсуа оправдано заклучува дека производот, поради несоодветна декларација, несогласно со прописите кои се во сила, не му го гарантирал нивото на безбедност, кое имал право да го очекува – заклучува судот.
Во пресудата не е наведена висината на отштета, за која треба да одлучи друг суд во Лион.
Франсуа бара околу еден милион евра отштета.
Од германската хемиска група Баер, која го купи Монсанто за 63 милијарди долари минатата година, соопштија дека ги разгледуваат нивните правни опции, вклучувајќи и жалба пред највисокиот француски суд.
Тие додаваат дека производите за заштита на растенија „не претставуваат опасност за здравјето на луѓето ако се користат во согласност со упатствата за употреба”.
Франсуа ги доби судските спорови против Монсанто во 2012 и во 2015 година, но францускиот Врховен суд ги поништи тие одлуки и предметот го врати на повторно судење во Лион.
– Сите сме среќни што победиме, но цената беше висока – изјави Франсуа во Париз.
–Ова е големо олеснување. Минаа 12 години борба, 12 години, во текот на кои, морав да го ставам целиот мој живот на чекање – додаде тој.
Во 2007 година, Франција го забрани Ласо, кој претходно беше повлечен од употреба во неколку земји.
Монсанто, исто така, се соочува со бран тужби во САД поради наводната врска меѓу глифосатот, активната супстанца во неговиот хербицид Роундап и заболувањето на луѓето кои го користеле од рак. Компанијата беше прогласена за виновна во два спора во Калифорнија, а на болните луѓе мораше да им исплати десетици милиони долари отшетета. Баер поднесе жалби на тие пресуди.
Поради законските проблеми со глифосатот, пазарната вредност на Баер од август минатата година беше намалена за околу 30 милијарди евра. Извршниот директор на групата во четвртокот рече дека се „многу тешко погодени” од судските постапки.