Помеѓу оптимизмот и деструкцијата

Овие избори не се обични претседателски избори, туку можност граѓаните да кажат дали сакаат да се вратат во минатото, трагично и трауматично, или да го фатат чекорот со иднината во пресрет на уживање во возвишени вредности, достојни за човекот.

539

Претседателската кампања полека привршува, но по сè изгледа и ќе заврши онака како што почна. Уште во првите денови се видоа главните поенти на тркачите по претседателската функција, кои на митинзите, на подоцнежните средби со граѓаните се трудеа само да ги надополнат со она што сметале дека го пропуштиле. Со тие интервенции разликите во ставовите на кандидатите само се заострија, разголувајќи ги главните тези, најмногу околу карактерот и иднината на државата. И, што добивме?

Ништо повеќе од она што можеше да се очекува: драстични, непомирливи разлики во гледањата за иднината на Република Северна Македонија: едно крајно позитивно, оптимистичко, полно со верба во остварувањето на историски веќе трасираниот правец на движење на државниот брод; второто, полно со гнев, омраза и заканувачката одмаздољубивост, изразени со патетични, празни тиради, досега стотици пати чуени од националистичко-шовинистичките кујни, кои можат само да ги вознемират граѓаните кои се желни државава дефинитивно да се одлепи, еднаш за секогаш, од неодамнешното горчливо минато во кое имаше сè освен правда и правичност, човечност, чесност, какви-такви шанси за подобар живот.

Но, тоа грдо минато кога луѓето се гушеа во приватната и заробена држава, сè уште е потенцијално можно ако се слушаат пораките на госпоѓата Гордана Силјановска Давкова, која уште од првиот митинг во Охрид па натаму секојдневно потврдува дека нејзината мисија не ја гледа како можност за унапредување на државата, туку пред сè како шанса да го спасува ДПМНЕ и Христијан Мицкоски од тотална деградација. Не случајно таа со ниту еден збор не го осуди злосторничкиот режим, туку, напротив, упорно се труди да го оправда.

Така, таа во досегашната кампања успешно ја игра улогата на портпаролка и мегафон на Мицкоски, од кого не се двои. И затоа на митинзите првин него го претставува како несомнен лидер, а дури потоа себеси се промовира како кандидат. На последно место ги остава граѓаните што дошле да ја чујат и да ја видат. Така покажува дека тие за неа се корисни идиоти, од кои очекува само да ја гласаат, надевајќи се дека ќе поверуваат во нејзините отровни пораки: дека во Република Северна Македонија сè е гнило, дека ја води хунта на чело со деспотот со крвави раце Заев, дека нема никакви реформи, дека Уставот не постои, небаре државата е на една минута пред тотална пропаст и исчезнување од картата на светот. Пораки како да ги смислил Маркиз де Сад.

Груевизмот на дело

По сето чуено и видено, кој може да го увери овој народ  дека Х. Мицкоски е тој што ја предложи госпоѓа Силјановска Давкова за претседателски кандидат, а пред тоа да не обезбедил согласност (или постапил по налог) на „докажаниот борец“ за Македонија или „невидениот патриот“ од Будимпешта, кој испокраде сè што допре од овој народ, кој единаесет години немилосрдно го малтретираше со крајна цел да го претвори во колективен зомби…

Па така за неа и за Мицкоски, двајцата загрижени патриоти, Уставот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија мора од корен да се менуваат или поништат, како и Законот за јазици, Охридскиот договор… зашто сите им ги одзеле достоинството и самопочитта на Македонија и Македонците. За промената или поништувањето на овие темелни државни документи труби и мавта насекаде, но не вели како тоа ќе го направи. Знае и самата дека тоа е невозможна мисија, но сепак свесно лаже за да остави впечаток кај национал шовинистите и неуките дека таа, не ли, е народен борец за правда и правдина. Затоа и нејзиниот изборен слоган игра на карта на национализмот кој смета само на толпа во која граѓанинот поединец не смее да постои.

Таа, можеби, живее во илузија дека доколку победи, ќе ги амнестира од робија сите осудени за 27 април и оние што допрва ќе се судат. Иако и тоа е невозможно, јадицата е проголтана. Оти, таа им е должник кој ќе треба да им ја врати инвестицијата во неа, меѓу другото и заради тоа што и овозможија макар на две недели да се слика на ТВ и да ги изнесува своите правнички наводно високоучени реторички еквилибристики, кои никого не го интересираат.

Кокошкино слепило

Нејзината омраза и злоба не ѝ дозволуваат да ја види вистината дека Република Северна Македонија постигна невиден успех во себепотврдувањето во секој поглед, за што добива неподелени признанија од најзначајните светски адреси. Таа не сака да разбере дека со зачленувањето во НАТО и идното вклучување во ЕУ државата длабоко навлезе во најуспешната историска фаза од своето постоење. Таа не крие дека сите овие историски исчекори би ги поништила и дека РСМ би ја вратила во 19 век – за да биде сама, економски бедна, аутистична и без иднина. Таква агресивна енергија сериозно предупредува.

Во таа своја забревтаност на негирање на сето позитивно што ѝ се случува на државава и огромната омраза, веќе излегуваат од контрола која добива сè поопасни размери. Поважно ѝ е да победи, одколку државата да напредува. Ова веќе не е политика. За подетално објаснување недоволно е напомош да се повика политикологијата, туку друга наука што можеби ќе даде неполитички одговори.

Лицето ѝ се заруменува од радост единствено кога изјавува дека РСМ нема да добие датум за почнување пристапни преговори со ЕУ, дека сè што се прави за иднината на државата и стабилноста е чиста штета за народот, па затоа, злоупотребувајќи ја кампањата, бара предвремени парламентарни избори, докажувајќи дека се спушти на улогата на обичен ДПМНЕ-овски пропагатор и мегафон на своите шефови.

Веќе не се ни труди и натаму да лаже дека е непартиски кандидат. Нејзината појава сè повеќе личи на чиста реинкарнација на груевизмот и синоним за враќање на неговото време кога граѓаните се плашеа од сопствената сенка живеејќи во постојан страв за да не паднат во немилост кај самонаречените судии кои бесрамно го делеа народот на предавници и патриоти.

Освен говорот на омраза, сите варијанти на приземната демагогија на национал шовинизмот и нудењето на себеси за месија, сè појасно се гледа дека нема ништо друго да понуди. Таа ниеднаш досега не ги спомна мултиетничноста, демократијата, животот за сите, европските вредности, слободата на мислење и говор, но затоа сее албанофобија, социјална демагогија – демек ако победи, сите други националности што живеат во РСМ ќе ги маргинализира како да ги нема, што е рецепт за меѓунационален судир. А што се однесува на улиците, на нив ќе почне да тече мед и млеко…

Единствено е среќна кога зборува за својата професионална работа, своите познанства со колегите од странство и сл., но ниеднаш не спомна дел од својата биографија што ја крие како змија нозе – кога беше отстранета од владата на Б. Црвенковски по скандалот со нејзиниот сопруг на кој на српско-македонската граница му отвори фри шоп, што ѝ донесе богатство. Можеби затоа речиси патолошки го мрази СДСМ, кој не дозволи и натаму да го брука. Секој може да се полакоми, човечки е и да згреши, но со такво црно петно во биографијата, не се станува претседател во демократска земја.

С. Пендаровски и Б. Река немаат такви гревови во своето CV, па затоа пред граѓаните имаат морално право да настапуваат со своите програми. Нивните заложби за ЕУ и НАТО, за слобода и демократија звучат искрено и уверливо. Кај нив нема поза, празно мудрување, фолирање, наместени воздишки и насмевка, бласфемија.

Затоа овие избори не се обични претседателски избори, туку можност граѓаните да кажат дали сакаат да се вратат во минатото, трагично и трауматично, или да го фатат чекорот со иднината во пресрет на уживање во возвишени вредности, достојни за човекот. На РСМ фикуси на ДПМНЕ не ѝ се потребни…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...