„Метаморфозис“: Наместо државната помош за медиумите, намалете ги даноците

55

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во рамките на своите заложби за слободни, независни и професионални медиуми, смета дека државната финансиска помош за медиумите не треба да се врши преку директно доделување средства.

Помоштта, како што велат, треба да се доделува преку други начини, како што е намалување на даночните стапки и ослободување од давачки при вработување за новинари и да биде наменета само за квалитетно професионално новинарство без разлика дали станува збор за печатен, електронски или онлајн медиуми.

„Трендот на намалување на рентабилноста, ниски приходи, отпуштање на новинарите и медиумските работници, како и затварање не медиумите во голема мерка ги зафати и конвенционалните медиуми во Република Северна Македонија (печатени и електронски). Во претходните неколку години се затворија трите најголеми дневни весници во земјата („Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“) и една национална телевизија („ТВ Нова“). Гаснењето на овие медиуми не беше резултат само на пазарните услови туку и на управувањето со компаниите за што реагираа и органите на прогонот, но и резултат на интензивно политичко мешање во уредувачките политики на медиумите, поради што стотици новинари и медиумски работници останаа без ангажман“, вели „Метаморфозис“ и додава дека државата може да им понуди помош на медиумите со:

Поттикнување на вработување новинари преку ослободување од дел од давачките, намалување на соодветните даноци, пред сè ДДВ за медиумите, ослободување од царински и даночни давачки на увоз на нова и современа опрема, ослободување или намалување на давачките за медиумски „старт-ап“ бизниси, односно компании чии сопственици немаат други извори на приходи, обезбедување услови за тренинзи и обуки на новинари (обезбедување простор, покривање на дел од трошоците за обуката), субвенции за образување и до-образување на новинарите и медиумските работници.

Потоа предлагаат, непарична помош за создавање тимови за проверка на факти во поголемите редакции или за медиуми кои веќе работат на проверка на факти, како особено важна алатка и истражувачки метод во новинарството со кој може да се засили борбата против дезинформации и манипулации.

Се предлага и олеснувања од страна на локалната самоуправа (од физички простор до ослободување од разни давачки, како што е на пример фирмарината), непарични субвенции кои тука не се споменати, а кои во натамошна јавна расправа би произлегле како идеи од претставниците на медиумската заедница.

„Потенцираме дека е потребна поширока и подолга јавна расправа помеѓу сите засегнати страни пред да се донесе крајното решение за видот и начинот на субвенционирање на медиумите, а решението под ниту еден услов не смее остави простор за влијание врз уредувачката политика и контрола на медиумите“, се вели во соопштението од „Метаморфозис“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...