На патот до кинеската трпеза скапоцената јагула се шверцувала и низ Македонија

2150

Редок и интересен за јавноста, случај на меѓународен шверц вчера обелодени македонската полиција. Двајца Кинези, Бугарин и двајца Македонци, од Кумановско и од Кривопаланечко, од кои едниот цариник, сакале да прокриумчарат 60 килограми стаклена јагула.

Станува збор за редок и заштитен вид, кој постојано е мета на криумчарите и достигнува вртоглави цени на црниот пазар, па затоа овој криминал е сериозен предизвик на полицијата во глобални рамки.

60-те килограми кои ги откри МВР се проценува дека вредат од 90.000 до 120.000 евра. Шверцерите биле фатени на магистралниот пат од Деве Баир кон Куманово, а релацијата по која требало да се шверцуваат јагулите била од Софија до Меѓународниот аеродром „Скопје“ од каде авионски требало да стигнат до Малезија. Рибите биле спакувани во 42 најлонски кеси, во седум патни торби.

Ова не е првпат Македонија да биде користена како транзит зона од криумчари на стаклени јагули. Во првиот Светски извештај за криминалот против дивиот свет, кој Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал (УНОДЦ) го објави во 2016 година, земјава заедно со Албанија, Бугарија, Грција и Унгарија се споменува како држава низ која поминуваат дел од рутите за шверц на стаклени јагули. Во ваквите извештаи се потенцира дека успешноста на бизнисот со стаклените јагули, меѓу другото, досега се должела и на тоа што цариниците во глобални рамки не можат да ги препознаат рибите, односно мислат дека станува збор за некој вид аквариумска риба. Меѓутоа, се потенцира и трендот дека европските цариници почнале сѐ почесто да ги препознаваат.

Стаклените јагули живеат во крајбрежните води, ги има кај Шпанија, Франција, Велика Британија и Италија, па оттаму почнува и синџирот на шверцот. Тие се риби со мал раст кои немаат доволно биомаса, па нивното движење зависи од плимата и осеката на водите. Така, кога водата мирува, тие стануваат неактивни и се одмораат на дното. Овој вид јагули е заштитен со националните закони во повеќето европски држави, но во Кина и во Јапонија тие се популарна храна и затоа за нив има висока побарувачка на азискиот пазар.

Најпогодна сезона за нивно ловење е од јануари до март, а за ги сотре шверцерите, Европол заедно со десетина европски земји кои излегуваат на море од 2016-та континуирано спроведува полициска акција под кодно име „Lake“ („Езеро“), која е поддржана и од Европската комисија (ЕК) со Акциски план против трговијата со диви животни.

Според извештаите за оваа акција, во минатата риболовна сезона 2017/2018, биле запленети 2.294 килограми стаклени јагули чија вредност била 6,5 милиони евра. Сезоната претходно, пак, биле запленети околу 4.000 килограми, а тогаш вредноста нивна била околу 4 милиони евра.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...