Не е трагедијата во тоа што министерот Тевдовски бара оние што примаат над илјада евра месечно да плаќаат зголемен персонален данок. Трагедијата е во тоа што, според податокот изнесен од министерот за финансии, во Македонија оние што имаат такви приходи се „два проценти во вкупниот број граѓани“.
Мене овој податок не ми е јасен?! Како може тоа да се однесува на „вкупниот број граѓани“? Се мисли од вкупниот број полнолетни граѓани? Со пензионери или без пензионери? Или вкупниот број вработени граѓани, минус невработените и оние на социјално? Или е тоа некој податок добиен од некаква статистичка деривација од бројот на семејствата кои имаат одреден месечен приход, па поделен со…?
Како и да го интерпретирате, контекстот на исказот на министерот е дека се работи за екстремно мал број на луѓе кои имаат такви приходи, па нивното оданочување нема да предизвика голем социјален потрес во општеството. Но, ако се суди според големиот број на негативни реакции во јавноста, изгледа дека баш сите припадници на тие „два проценти од вкупниот број граѓани“ се побунија заради најавената мерка.
Јас припаѓам во тие два отсто „богати“, без разлика на критериумот како сте го пресметале тој процент. Јас припаѓам и на оние кои мислат дека побогатите треба да плаќаат повисок данок од посиромашните, бидејќи во тоа препознавам одредена социјална правда. Но, не припаѓам во друштвото на Тевдовски кои мислат дека да се заработува 1.001 евро месечно, и со тоа да ве сметаат за статистички богат, е нешто многу за фалење. Напротив.
Од сето досега образложено во јавноста, државата не очекува некаков значителен годишен приход – 20-30 милиони евра – врз основа на вака предложеното, од Тевдовски, подигање на персоналниот данок. Според тоа, расправата е повеќе идеолошко-политичка, одошто буџетска и макро-финансиска.
Ако е така, треба да потсетиме дека токму г. Тевдовски, пред изборите, беше главниот промотор на идејата на СДСМ „за враќање на средната класа во Македонија“. Ова ли е рамката на тоа како СДСМ ја замислува средната класа во државава? Со плата од 1.001 евро? Или е ова одраз на кабинетско-левичарските, професорски, лишени од какво било практични претприемачко-капиталистички искуства, односно социјалдемократски-накај-комунистички вредности за кои се залага врвот на ова Министерство?
Ако не е така, тогаш за кого е наменето ова политичко додворување од Министерството за финансии? Од пристојност, ќе се воздржам од анализа на можните леви популистички инспирации коишто веројатно стојат зад предлогот на оваа нова даночна политика, но и оваа мерка мене ми личи како на низата од овие глупости со броењето на испиените кафиња и киселите води по министерствата и за лицитирањето со месечните телефонски сметки на министрите, според кои се сугерира дека подобри се оние министри кои помалку пијат кафе, кои помалку разговараат на телефон и кои низ Европа се возат со автобус, наместо да летаат со авион. Навистина, има и такви министри во оваа Влада, само што не можете да им се сетите ниту на имињата, ниту на ресорите што ги држат.
Сакам да кажам, СДСМ не треба да смислува политики со кои ќе ги прави луѓето кои чесно заработуваат добро, да се срамат од тоа дека се побогати од просекот. Оти, ако им е дојдено до толку токму од нив да ги соберат тие екстра 20-30 милиони евра годишно во државната каса, јас би предложил нешто мнооооогу поефикасно: ќе ви дадам десет адреси во Скопје, појдете, заѕвонете им на врата на сопствениците и побарајте да ви докажат од каде и како им е стекнат имотот? Ви гарантирам дека само со таа конфискација на имот ќе може да се финансираат сите социјлни и развојни програми во државата барем во наредната деценија.
Друг е проблемот што сите тие – за малку ќе напишев „половината“, ама на време се сепнав – се предизборно-изборни донатори на СДСМ. (И на ВМРО-ДПМНЕ, симултано.) Е, па, немојте тогаш врз нас да лечите фискални фрустрации, молам!