Количеството злато што го натрупаа богатите земји во текот на 2018 година достигна второ највисоко ниво досега, соопшти Светскиот совет за злато.
Националните банки лани купиле за 74 отсто повеќе злато во споредба со претходната година.
5. Русија
Во изминативе шест години, Централната банка на Русија купуваше големи количества злато, па така во 2017 година земјата ја потисна Кина од листата на петте држави најголеми сопственички на злато.
Русија лани стана најголем купувач на злато со нето-набавка на 651,5 метрички тони.
Централната банка на Русија во февруари ги зголеми своите златни резерви за 31,1 тон злато, зголемувајќи ги своите резерви од овој благороден метал на 2.149 тони.
4. Франција
Во трезорот во Париз наводно има 2.518 тони злато, што претставува околу 60 отсто од вкупните француски девизни резерви.
Француската политичарка Марин Ле Пен во повеќе наврати повикуваше на запирање на продажбата на националното злато, како и за репатријација на сите француски златни прачки што државата ги чува во странски држави.
3. Италија
Со 2.534 тони злато во својата каса, Италија се спушти на третото место на најголеми светски „чувари“ на злато.
Тоа количество претставува околу 70 отсто од девизните резерви на земјата.
Според централната Банка на Италија, златото е најсигурна инвестиција во време на економски превирања и заштита од нестабилноста на американскиот долар.
2. Германија
Германската Бундес банка во моментов поседува 3.483 тони злато, што претставува повеќе од 70 отсто од девизните резерви на Германија.
Банката се обидува да репатрира околу 674 тони злато што се дадени на чување во централните банки на Франција и САД. Се очекува репатријацијата на златото во Германија да заврши до 2020 година.
1. САД
Вашингтон наводно ги поседува најголемите светски резерви на злато од 8.407 тони. Тоа претставува над 75 отсто од националните девизни резерви.
Американската Управа на федералните резерви (Фед) лани не беше толку активна во купувањето злато како другите централни банки, со цел да спречи девалвација на доларот.