Дајан Абот: Асанж е прогонуван затоа што ги откри американските злосторства

1718

Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж не е прогонуван затоа што ја загрозува националната безбедност на САД, туку затоа што на светот му ги откри злосторствата на американската влада и армија, изјави лабуристичката пратеничка во Долниот дом на британскиот Парламент, Дајан Абот.

Коментирајќи го вчерашното апсење на Асанж од страна на британската полиција во Еквадорската амбасада во Лондон, Абот во обраќање во Парламентот истакна дека тој всушност ги обелоденил тајните на американските воени операции.

– Треба да се потсетиме што всушност откри „Викиликс“. Кој може да ги заборави снимките на Пентагон за ракетниот напад во Ирак во 2007 година, кога беа убиени 18 цивили, а настрадаа и двајца новинари на агенцијата Ројтерс – нагласи Абот.

Британската полиција вчера го уапси Асанж во зградата на Еквадорската амбасада во Лондон, каде престојуваше изминативе седум години, откако Еквадор му го укина азилот. Полицијата информираше дека 47-годишниот Асанж бил уапсен врз основа на налог на Судот во Вестминстер издаден на 29 јуни 2012 година, затоа што не се јавил на суд во предвидениот термин.

САД во 2010 година издадоа потерница по Асанж под обвинение за објавување доверливи информации, откако „Викиликс“ објави серија американски тајни документи, вклучително и за воените операции на САД во Авганистан и Ирак и за условите во затворот во базата Гвантанамо на Куба.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...