Една мала група луѓе, класични дијаболи во еден паничен рикошет, типчиња хиперактивни на социјалната мрежа Фејсбук и на еден од нашите најопскурни парапортали, деновиве водат жестока кампања против мене, со прецизен мотив да ме оцрнат како наводен „заштитник на мафијата“ и „борец против правдата“. Ниту знаат што е мафија, а уште помалку што е правда. Нивниот мотив е јасен и се сведува на обид да ја оспорат мојата новинарска кариера, за која, се разбира, дури и самите признаваат дека е блескава. Колку и да е таква, важна ли е таа баш сега?
Недвомислен и лесно докажлив факт е дека тие лица јавно ме навредуваат и ме клеветат и се одговорни според граѓанскиот закон кој ги санкционира овие злодела. Нивната „сила“ доаѓа од фактот што сите тие (ги има неколкумина. де), на овој или на оној начин, се поттикнати да ја тераат таа комична кампања. Воопшто не се трудам да водам истрага кој и зошто ги поттикнува, бидејќи дијаболиве одлично ги познавам и до детаљ ми се познати шемите на нивните налогодавци, брифери и поддржувачи.
Сакам јавно да кажам што нема да направам, а што ќе сторам, во одговор на оваа атака.
Прво, никого нема да тужам. Иако никој од оваа групировка не може да докаже ниту едно од нивните глупави и клеветнички тврдења за мене, бидејќи станува збор за ординерни лаги, јас немам намера да им дадам можност на шутрациве да ја водат својата кампања и на суд и таму да глумат жртви (верувајте, го знам дури и името на еден адвокат, кој веќе е повикан на разговор, за да се подготви да биде бранител во случај на тужба од моја страна, ете до толку се будалетинки).
Второ, ќе одолеам на сите тие цензорски притисоци и на сиот тој говор на омраза. Јас сум жесток борец и мојата блескава новинарска кариера во годините пред мене ќе ја окончам баш блескаво – со бескомпромисно опстојување на принципите и на политиките за кои се борам сиве овие години, со упорност и со креативност. Немам никакви амбиции надвор од мојата новинарска професија, непоткуплив сум, бескомпромисен сум кога станува збор за принципи, а сите што добро ме познаваат, знаат дека тајната на мојот успех е љубовта кон перото и мојата фанатична посветеност на целите што си ги поставувам во животот.
Трето, битката за владеење на правото и за коренити реформи на правосудниот систем во нашата земја, или, со други зборови, битката за вистинска правда и за вистински мир (а не за јакобинска правда и за лажен мир), ќе ја продолжам без колебање. Мотивиран сум. Свеста за неопходните реформи полека но сигурно преовладува и во стручните и во политичките кругови – погледнете, политичките лидери многу сериозно преговараат за јавнообвинителскиот систем, докажани и признати правни експерти јавно ја бранат позицијата на Врховниот суд наспроти волунтаризмот на центрите на политичка (не)моќ. Тоа Бранко Героски ли го наметнува? Ма дајте, ве молам, да не правиме мит од мојата наводна огромна медиумска моќ и влијание! Па не сум јас некој локален Мардок, како што некои ме прикажуваат. А допрва ќе се разговара за прашањата што не ги покренав јас, туку се наметнати во многу извештаи за состојбите во нашето правосудство, во многу ургенции да почнат суштински реформи, па и во многу трудови на наши познати правни експерти кои предлагаат решенија, но нема па нема кој да чита…
Четврто, постојано ќе укажувам на огромните штети што овие недоветни луѓе им ги нанесуваат на власта, на СДСМ, на „Шарената револуција“ (која е завршена), на „каузата“… Тие, на пример, ја оспоруваат амнестијата за случајот „27 април“ и не разбираат дека со тоа, баш сега, среде кампањата за претседателските избори (која божем толку им е многу важна, а ги заболе!), баш тие им зариваат нож в грб на Зоран Заев и на Стево Пендаровски. Простете, но јас немам ништо со амнестијата. Ниту некој ме прашал, ниту сум одлучувал. Ама Заев и оваа власт одлучувале! Паметно ли? Јас имам посебно, прилично сложено мислење за тој потег, што сега нема да го елаборирам, но тоа мое мислење не е осуда на амнестијата и не е крик на омраза против амнестираните. Напротив, токму луѓето од оваа групировка апологети киптат од омраза и шират една негативна енергија, која на крајот, нели, се насочува кон оние коишто божем ги бранат и кои сега се борат за гласот на народот во едни тешки околности.
И петто, многу спокојно ќе сочекам Заев, Пендаровски, луѓето од врвот на СДСМ, асовите на „Шарената револуција“, а пред сѐ бриферите и обожавателите на овие опскурни ликови, самите да си се уверат какви штети предизвикуваат овие дијаболи. Во неколку прилики, некои од најодговорните луѓе во оваа земја лично сум ги предупредил за тоа колкави се тие штети и како настануваат, но не сум сосема сигурен кој од нив ме разбрал што зборувам, а кој моите објаснувања ги припишал на мојата фреквентно оговарана „суета“.
Е па, дами и господо другарки и другари, сега самите ќе си се уверите во тоа што ви го кажував, понекогаш јавно, а понекогаш и директно в лице!
Гледам, уште сега, среде кампањата, вашиве пулени и пуленчиња жестоко дебатираат за одговорноста за евентуалниот неуспех на изборите. Што да ви кажам освен – браво, браво, браво! Се прашувам, кој ли ве учи сега да демонстрирате ваква нервоза, на моменти дури и паника? Кој ве тера сега, баш среде кампањата, да ја цртате мапата на своите „непријатели“? Зошто баш сега? Се чудам, бидејќи моите прогнози се малку пооптимистични од ова панично фрлање чифтиња. Ама, знаејќи ги капацитите на бриферите на овие дијаболи во паничен рикошет, работите стануваат појасни.
Како и да е, кога ќе ги сведувате сметките и ќе разговарате за одговорноста за штетите – а тоа брзо ќе мора да го направите, дури и без оглед на исходот на изборите – јас, на мое задоволство, малку ќе одмарам и нема да бидам тука да ве слушам, а ќе се потрудам и да не ги читам вашите глупави нарачки на парапорталите и евтините „филозофии“ на вашите Фејсбук дијаболи. Иако, се разбира, нема да биде лесно да се одолее.
Ај дечки чао и памет в глава. Колку што останало…
ПС. Еднo од обвинувањата што ги слушам деновиве, на своја, но и на сметка на некои други луѓе, е наводното отсуство на лојалност. Требало да бидеме лојални на „каузата“, по секоја цена. Алооооо! Кој сака безгранична лојалност, да си купи куче!
ПС. Овој „еготрип“ (така текстов ќе го оценат дијаболиве), ќе биде објавен само на порталот Плусинфо. Не забранувам преземање од други интернет-медиуми, но нема да го објавам на страниците на „Слободен печат“, каде што денес и утре ќе читате многу поинтересни анализи и колумни, на кои сакам да им отстапам заслужен простор.