Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва во Нови Сад го одржа најавениот голем митинг, во рамките на неговата кампања „Иднината на Србија“. На митингот, покрај Вучиќ говореа за првпат и лидерот на СПС и шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ, како и од покраинското раководството на Војводина, Иштван Пастор и Милош Вучелиќ.
Српкиот претседател голем дел од говорот го посвети на економскиот просперитет на Србија и за две големи инвестиции од 50 милиони евра, меѓу кои е и „еден од најголемите производители на чоколади во светот“.
Говорејќи за политичките противници, тој рече дека го мразат и сакаат преку „насилство да дојдат на власт” и „да го воведат принципот дека не е важно како се гласа, туку колку бучава е направена”.
Тој рече дека не мисли оти некој треба да биде уапсен.
– Ние треба да им објасниме како и тие да влезат во возот на модернизација на Србија – потенцира Вучиќ.
Тој рече дека е засрамен како тие „луѓе корнат огради и сообраќајни знаци” и оти овој „прекрасен собир е потврда дека насилството и фашизмот нема да поминат”.
Вучиќ порача дека нема да разговара со „фашистичкиот лидер Обрадовиќ и крадците Јеремиќ и Ѓилас”.
– Но, обврската на сите други во српскиот Парламент е да разговараат со оние кои се пратеници и важно е да разговараме, важно е да постои таков дијалог, но тоа мора да биде дијалог, а не насилство, разговор, а не уцена – истакна Вучиќ.
Српскиот претседател испрати и порака до меѓународната заедница да не продолжува да врши притисок врз Србија и оти нема да се откаже од ставот оти прво да се укинат таксите за да може да продолжи дијалогот со Приштина.
На митингот говореше и Ивица Дачиќ, кој рече дека Србија и, пред сè, српскиот претседател Александар Вучиќ подлежат на голем притисок да се откажат од националните и државните интереси, за „да го признаат независно Косово и да воведат санкции за пријателските земји”.
– Одговорот на Вучиќ и мојот е дека ова никогаш нема да се случи – рече Дачиќ.
Според провладините медиуми, на митингот во Нови Сад имало околу 40.000 граѓани.