Заев очекува да се најде решение за законот за јавното обвинителство

98

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека продолжуваат преговорите со опозицијата за законот за јавното обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на Специјалното јавно обвинителство, но оти  „бомбите“ не се една од темите бидејќи тоа прашање е решено со основниот закон за СЈО.

– Преговорите течат. На последната средба која ја одржавме заедно договорено е да продолжат разговорите за да се најдат сите правни аспекти на одредени дискутабилни прашања кои постoјат меѓу двете страни. Убедени сме дека можно е да се изнајде решение ако, пред сѐ, се мисли на државата, на создадениот систем на СЈО со својот капацитет кој што е обврска и државна и граѓанска да продолжи, секако и од аспект на тоа колку е важен законот за обвинителство заради правосудните реформи, но и за евроинтеграциијата на државата, рече Заев по оддавањето признание на олимпијците од Спортската параолимпијада во Владата.

Во однос на користењето на „бомбите“ како докази, премиерот рече дека тие како докази се предвидени во самото законско решение.

– Бомбите како докази апсолутно во самото законско решение се предвидени. Тие не беа цел на преговори помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ или другите претставници на парламентарните партии или пратенички групи, од проста причина што и основниот закон за СЈО, членот 22 вели дека поднесувањето на обвиненија е 18 месеци од преземањето на материјалите и предметите и сите бомби и во предметите кои што се поднесени може да се индиции, оти само по себе како докази не може да опстојат, мора да бидат поткрепени со материјални докази. Она што е најважно е дека предметите за кои се воделе истражни и преистражни постапки се живи, поднесени се обвиненија и тие ќе бидат распределени за да можат обвинители и судии да утврдат за што постојат докази за да можат да бидат процесуирани како и секој предмет, рече Заев.

Тој појасни дека нереални се очекувањата дека сите „бомби“ ќе бидат објавени, бидејќи 70 отсто од разговорите се приватни.

– Јас ги предадов комплетно сите разговори. Ако некогаш е кажано дека Заев ќе ги објави приватните разговори помеѓу луѓето, сакам да ја видам таа снимка. Од приватните сум си дозволил да објавам само еден а тоа е разговорот помеѓу мене и мојата ќерка. Разговорите што одлучи да ги објави СЈО беа разговори во кои има криминал. Верувам сето она што било како индиција е дел на поднесено обвинение, истрага или предистрага, истрагите продолжуваат, рече Заев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...