Пресудата за „27 април“ судечкиот совет ја донел со 5:0

1139

Пресудата за „27 април“, која ја донесе судечкиот совет во Кривичниот суд на чело со судијката Добрила Кацарска, сѐ уште не e изготвенa и доставена до странките. Рокот е 60 дена и за да се изготви има уште околу еден месец ако се земе предвид дека пресудата беше соопштена на 15 март.

Во однос на информациите дека имало незадоволство во судечкиот совет, конкретно кај еден судија поротник кој побарал разрешување наводно поради тоа што не се согласувал со пресудата, во Кривичен велат дека немаат такви информации.

– Сите пресуди се носат со гласање на судии и поротници. Конкретно пресудата за „27 април“ е донесена со резултат од 5:0 по гласањето од тројца портоници и двајцата судии во предметот – изјави претседателот на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев.

За судијата-поротник кој бил разрешен, од судот посочуваат дека тој и во текот на судскиот процес најавил дека сака да биде разрешен поради здравствени причини, но не го побарал тоа за да не го наруши судскиот процес. Разрешување од лични причини побарал откако беше објавена пресудата.

Од Кривичен велат дека разрешувањето и ротирањето на судии поротници не е нешто невообичаен. Според статистиката за 2018 година 12 поротници биле разрешени од предмети поради пензионирање старост, 27 поради истечен мандат и двајца на лично барање, додека биле избрани 34 нови.

Инаку, првостепената пресуда за конкретниот случај со „27 април“ е со вкупно 211 години затвор за 16 обвинети.

Митко Чавков доби 18 години затвор.

По 15 години затвор добија: Душко Лазаров, Митко Пешов, Горан Ѓошевски Леви, Мунир Пепиќ, Никола Митревски-Кољо, Јане Ченто и Влатко Трајковски.

14, пак, Вилијам Михајловски.

Една година помалку или 13 години судот изрече за Оливер Поповски.

На казни од 12 години затвор со првостепената пресуда осудени се: Игор Југ, Младен Додевски и Горанче Ангеловски Ќосето.

10 години доби Оливер Радулов.

Под 10 години добија Александар Василевски-Нинџа – осуден на 8 години, а една помалку односно 7 години доби Абдуљфета Алими.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...