Кривичен ќе чека Иванов да истрча со аболиција

1073

Претседателот на Кривичниот суд во Скопје, Иван Џолев, не сака предвреме да зазема став за евентуална аболиција од претседателот Ѓорге Иванов за осомничени или осудени лица за настаните од 27 април 2017 година.

– Не е во ред однапред да се позиционираме, ако се донесе аболиција тогаш ќе изградиме и ќе го кажеме нашиот став – рече Џолев на брифинг со новинарите.

Сепак, судијата вели дека ако Иванов донесе законска аболиција тогаш тие како суд се должни да ја почитуваат, а ако таа е назаонска тогаш треба да реагира обвинителството.

Од кабинетот на Иванов, пак, освен кратката информација дека во петокот попладне примиле уште едно од повеќето барања за помилување, не соопштуваат повеќе детали. Оттаму нема одговор на прашањата за колку барања вкупно станува збор, кој ги поднел, дали се само за предмети поврзани со 27 април и како претседателот планира да постапи.

Ваквите барања, претседателот би можел да ги аминува ако се повика на фамозниот член 11 од Законот за помилување од 1993 година, кој беше укинат во 2009 со законски измени.

Но, по седум години, во март 2016 година Уставниот суд носи одлука со која ги укинува измените кои беа донесени 2009 година односно, меѓу останатите, го укинува и бришењето на членот 11. Но, тоа, според правните експерти, не значи дека се враќа во живот членот 11 кој му дава дискреционо право на претседателот за помилување.

Другиот начин на помилување е преку редовна процедура која предвидува осомниченото, обвинетото или осуденото лице да побара помилување од претседателот, но барањето го поднесува до Кривичен каде се изготвува извештај и се доставува до Министерството за правда кое понатаму го проследува до претседателот.

Вакви барања, по редовна процедура, до судот не се пристигнати.

– Судот досега нема добиено никакво барање или иницијатива за аболиција, ниту од обвинет, ниту од осудено лице – вели Џолев.

Инаку, како што беше објавено аболиција директно од Иванов побарале десетина лица, меѓу кои и ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, кој доби првостепена пресуда од 18 години затвор, но и лица кои засега се само осомничени за „крвавиот четврток“, како Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...