ПИСМА ОД ЛОНДОН Лондонски дупој, а богами и гупој

738

Ме следеше. Не можев да го заборавам. Ниту него, ниту неговиот адвокат, ниту аргументите, ниту „јужно северномакедонскиот“ дијалект со кој толку убедливо и трогателно се обидуваше да ги брани, ни помалку ни повеќе, туку – човековите права! Своите. Ама и оние на неговите вработени. Кои ете, му биле загрозени.

Адвокатот како адвокат. Си видел еден, како да си ги видел сите, посебно оние успешните. „Скоцкан“ во костум, пасент, од авион се гледа дека е дизајнерски, не му стои онаа етикетата на производителот на ракавот за да се знае која фирма носи, како на оние новопечените. А по коментарите кои што ги дава се гледа дека е добро поткован во секоја смисла на зборот и дека јас, која не се обложувам, би ставила некоја фунта оти има бесна кола, викендичка на море и на планина и уште некои други работи кои во оваа прилика не се за спомнување. Но се знаеше кој е главен. Човекот со јужномакедонски дијалект кој се обидуваше да ја оправда неговата и на неговите, иницијатива да се оспори мораториумот за градење во најгусто населената општина во мојата главна татковина.

Џебот наречен права

Неговото трогателно спомнување на „гупојте“ и „дупојте“ кои ете биле донесени и тие морале да се почитуваат оти се донесени, плус им ги загрозувале, ни помалку ни повеќе ами неговите и човековите права на стотиците вработени во градежништвото (!), ме испрати вечерта кога гледав малку телевизија пред да легнам и да мигнам саат-два пред раниот визеровски лет за Лондон. И нормално, не мигнав. Нема врска што „аргументите“ не беа во ред. Нема врска што беа нелогични. Нема врска што ја оставаат општината пренатрупана и без зеленило и задушена. Правата негови му биле загрозени. Од кога тоа џебот се вика права? И што да ви кажам, ми ги врежа дупојте погоре споменатиот во мозокот и ми останаа така како пример за ординарна гупојштина. Или дупојштина.

Обично ги преспивам оние три часа лет Скопје-Лондон Лутон. Мала дигресија. Додавката Лондон, редно е да ја извадат од дестинацијата, да не ги лажат луѓето, зашто летот е до Лутон, град на север од Лондон, до кој во просек се патува околу час и половина, половина од патот од Скопје до Лутон со авион, ама ајде, не е само тука дека прават така. Овој пат, ненаспана, ама око не склопив, само дупојте и гупојте и нарушените човекови права на кутриот бизнисмен од јужниот дел на северна Македонија ми се врткаше низ главата… И само што дојдов во моето второ живеалиште, куферите (со еден не се патува) што се вели уште нераспакувани и сирењето и уште некои забранети работи неизвадени, ме дочека писмо во кое општината соопштува дека го разгледувала планот за централното подрачје и решила нешто да прави, а јас сум член на една од градските комисии за надзор па ме канат на состанок. Ако можам, да дојдам. Ау, кога општината решава нешто да прави, плус надзор ѝ треба, мора да бидеме внимателни.

Им ги збркавме дупојте

И одам така следниот ден да видам што смислиле луѓето задолжени за тукашните дупој и гупој и кога тоа… веќе видено, ама сега, во живо!

На состанокот до општинарите во главно сиви костуми седи адвокат во скап костум, како оној од главната татковина, со гарант „бесна кола, викендичка на море и на планина и уште некои други работи кои во оваа прилика не се за спомнување плус сигурно и јахта на Темза“. Корпорациите, инаку, никогаш не доаѓаат на состаноци, праќаат адвокати, а претходно ги „убедуваат“ општините колку е во нивна корист развојот со градење, во случајот, висококатници. Адвокатот, кој ги застапуваше приватните компании кои сакаат да градат во општината по кусо време го напушти теренот. Како да почувствува „непријателска атмосфера“, зашто локалците, то ест ние, не дозволува(в)ме да се градат високи објекти, не повеќе од 10 катови (а и тоа ни е многу) и побаравме сите објекти да мора да имаат решен паркинг и зеленило околу. А и го гледавме така некако со поглед „ич струја не држиш“, што преведено од битолски е – слабак си ти, батка. Ние, една мала група пргава, им ги збркавме дупојте, гупој им ги направивме.

Бизнисмените и општинарите кои сакаа високи згради од по најмалку 18 ката во срцето на нашата зелена оаза начичкани една до друга не знаеја каде да погледнат. И мораа да попуштат. Патем, никому од нив на крај на памет не му падна да спомнува „човекови права“ – корпорациите зашто знаеја дека не само што сето тоа нема логика и е смешно, ами јавноста лом ќе ги направи и бизнис нема да можат да свртат, а општинарите, зашто не само што знаеја дека не само што сето тоа нема логика и е смешно, ами избори се ближат, па зависат од гласачите. Адвокатот – ене го на Темза, убаво е времето. Овој пат, еден нула за нас. И не да се фалам (а се фалам), сега има и инспирирани вимблдонски анти-висококатници гупџии/дупџии/членови на отпорот. Мала група, ама упорна. Има и Вимблдон некоја корист од северна Македонија….

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...