Симфонија или политички провев низ вратата на ЕУ

439

Членството на Македонија во ЕУ, како и што можеше да се очекува, доби едно од доминантните места во претседателската кампања. Околу зачленувањето во ЕУ во изминатите децении се изречени толку многу нешта, така што тоа прашање практично се здоби и со извесно митологизирано значење меѓу македонските граѓани. Иако, всушност, ни најмалку не би било претерано да се тврди дека високиот степен на прифаќање на европските интеграции од страна на македонските граѓани се должи на недоволната критичка свест и познавање на Унијата, на механизмите на проширувањето и обврските што произлегуваат од него.

За Силјановска-Давкова, покрај неоспорниот факт дека „Македонија и географски и културно, и историски секогаш била дел од Европа“, ЕУ нема да биде „целосна симфонија“ без Западен Балкан и без Македонија. Само што секојдневната остра партиско-политичка дебата на разни нивоа, и свесното продлабочување на антагонизмите, омразата и нетрпеливоста, во многу нешта се чини наоѓа смисла во објаснувањето на најзначајниот американски егзистенцијален психолог, Роло Меј, кој укажува дека во ненасилната комуникација (nonviolent communication) важна компонента е – да се идентификува и изрази тоа што го чувствуваме. Една зрела личност може да разликува разновидни емотивни нијанси. „Силни и пасионирани или нежни и чувствителни, какви што се различните музички пасажи во една симфонија“. Но за многумина чувствата, како што забележува Меј, „се исто толку ограничени на број како тоновите во еден сигнален ловечки рог“.

Стево Пендаровски од својат страна, повикувајќи на масовна излезност на избирачите, го најавува „широкото отворање на вратите на ЕУ“. Иако ветриштата кои во последно време дуваат кон Брисел од разни страни мошне малку придонесуваат за расчистување на атмосферата во интерес на реафирмација на процесот на проширување со нови членки, туку пред сè ја потенцираат внатрешната зафатеност на Унијата со тековните несогласувања и разидувања околу проблемите поврзани, меѓу другото, со мигрантите и со последиците од финансиската криза.

За разлика од пред една деценија, кога беше едено од клучните термини во вокабуларот на бриселскат бирократија, проширувањето во последните години главно го споменуваа комесарот Хан и уште некои ЕУ-функционери задолжени за надворешната политика и соработката со непосредното соседство на Унијата. „Уморот од проширувањето“ не само што не исчезна, туку на земјите кандидати во чекалната пред салоните во Брисел, вклучувајќи ја и Македонија, им беа испорачани уште позаострени критериуми и барања за спроведување суштински реформи.

Источна Европа се ослободи од комунизмот, но нејзините обиди да го копира западниот идеал беа осудени на неуспех и создадоа контрареакција означена со ултранационализам и нетрпеливост кон туѓинци. Таквиот феномен, како што забележуваат двајца политиколози, Иван Крастев Стивен Холмс, открива политичка психологија и демографска паника. Прашањето е, всушност, зошто Источна Европа е толку ксенофобична, нелиберална и толку неподготвена да се доближи до западноевропскиот идеал?

По падот на Берлинскиот ѕид источноевропските земји се обидуваа да го имитираат Запад, кој од своја страна доби можност да ја вреднува успешноста на таа имитација. А токму во однос на таквиот пристап се согледува суштината на денешната контрареакција. Имитирањето траеше долго, 20-ина години, и беше нарекувано како демократизација, либерализација, проширување или интеграција, но целта всушност беше нормализација, при што „западното“ беше третирано како „нормално“. Сепак, замислата дека пост-комунистичката нормализација најбрзо ќе се одвива преку имитација на западните општества и нивните либерално-демократски институции и вредности, не одеше толку лесно. Тој што имитира доживува недоволност, инфериорност, зависност, губење на идентитетот и непосакувана лажна позиција, бидејќи никогаш не ќе може да соодветствува на оригиналот. Истокот со тоа, како што констатираат споменатите истражувачи, прифаќа да биде вреднуван од страна на Западот, од страна на ЕУ, во колкав обем ги достигнува западните стандарди, а тоа во крајна линија го предизвикува чувството на изгубен суверенитет.

Многумина во источноевропските членки на ЕУ денес зборуваат дека миграциите и отворените граници го поткопуваат националниот идентитет. Но едновремено истата реторика се користи интензивно и од страна на десничарските популити на Западот, а што зборува и за криза на демократијата во рамките на ЕУ, означена со доминација на десно ориентираните политички партии кои главно имаат негативен став кон проширувањето и приемот на нови членки.

Пред извесно време унгарскиот премиер Орбан беше пречекан со серија критики во Европскиот парламент, и со закани кон Унгарија од репресалии поради кршењето на основните вредности на ЕУ. Но европратеникот Јуси Хала-ахо од популистичката евроскептична партија Вистински Финци протсетираше тврдејќи дека „унгарската Влада и мнозинството граѓани во Унгарија не сакаат да ја повторат катастрофалната грешка на западноевропските земји со масовните миграции и отворени граници“.

Нема сомнение дека контрареакцијата, односно отпорот на Истокот против натамошното продлабочување на европските интеграции наидува на јасна поддршка на Западот. Но колкава е силата на таквата поддршка и кои ќе бидат најважните вредности на ЕУ во наредниот период, односно дали наместо крешендо од симфониски звуци низ вратите на ЕУ ќе проструи студен политички провев, веројатно малку ќе се разјазни по ЕУ-изборите наредниот месец.

Надежта е дека проширувањето како една од најзначајните вредности на ЕУ и на европското обединување сепак нема да биде жртва однесена со ехото на аргументите што ги зближуваат националистите и десничарските популисти – на Запад и Исток.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...