Изборна Абракадабра!

2411

Што научивме ново во изминатите десетина дена од изборната претседателска кампања?

Ништо особено. Кампањата, главно кај опозицијата, варира во жестината на зборовите, но кај сите се забележува една митингашка монотонија, со по некој гаф овде-онде, без преголема енергија, а ниту видлива инвентивност во замислите и настапите. Најмногу труд вложуваат луѓето задолжени за разгласот.

ВМРО-ДПМНЕ е во напор да привлече што повеќе етнички македонски гласачи. СДСМ бара поддршка и кај инаквите од етничките Македонци. Кампањата на Река, релаксирана од потребата да се бори за победа, прави исчекор да ќари барем некоја илјадарка гласови и кон етничките не-Албанци. Сите заедно не успеваат да ја помрднат онаа грамада од една третина, а можеби и повеќе, од гласачите кои на денот на изборите најверојатно ќе решат да си го остварат своето граѓанско право со комплетно игнорирање на гласањето за нов претседател на државата. Всушност, со ваквите кампањи, прашање е дали гласачката рамнодушност нема да се зголеми, а не да се намали.

Човек да добие впечаток дека, наместо во изборната кампања, вистинската политика сè уште се одвива зад затворените врати на преговорите за реформа на Обвинителството и за статусот и опсегот за работа на СЈО, збогатени со најновите пазарења за ново илегално помилување од страна на Хорхе. Ова со изборната кампања како да е една згодна „димна завеса“, забава за народ – макар и здодевна – за најновиот политички пазар што ќе се однесува на судбината на правната држава во Македонија. Како кај магионичарските трикови: додека вниманието се насочува кон десната изборна рака, од ракавот на левата незабележано се вади белиот реформиран правосуден гулаб што ќе треба да се извлече од шеширот. Абракадабра – и трикот успева!

На овој начин Собранието на Република Северна Македонија повторно е политички распуштено и, кога ќе дојде време, само ќе му се соопшти што е договорено и како ќе треба да се гласа. Останатото е техникалијата за исплаќање на патните трошоци.

Во оваа калкулација, речиси е неважно – освен за самите кандидати, кои по оваа изборна вежба секако заминуваат во политичка пензија – дали изборите ќе успеат. Дури, би можело да се тврди дека на сите страни и кај власта и кај опозицијата постојат влијателни кругови на кои неуспехот на изборите многу повеќе им одговара од нивното успешно завршување, бидејќи така, сакале-нејќеле, влегуваме во политичка криза чиешто разрешување ќе биде предмет на нови преговори.

Кај нас, спомнеш ли политичко пазарење, веднаш се отвора шампањ за да се прослави! Ура, ќе има за сите по нешто!

А ако не успеат овие претседателски избори, навистина ќе има за што да се ценкаат: Не се знае треба ли нова ДИК или составот на оваа Комисија ќе продолжи со работа? Не е јасно дали ќе се распишат следните избори за 40, за 60 или за икс-дена? Дури ни рокот кога се носи таа одлука не е јасно пропишан? Може ли Талат Џафери да биде вршител на должност претседател со месеци? Ќе се менува ли прво Законот за избори или и со овој, крпен и лепен во рамно 30 наврати откако прв пат е донесен пред десетина години, ќе се оди на тие нови избори? И којзнае уште што не…

Само е извесно дека на почетокот на мај Хорхе заминува во пензија. Ете и за нас повод да прославиме!

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...