Армијата е гарант на суверенитетот, независноста и неповредливоста на територијата на државата. Македонските војници се нашата гордост, тие се најзаслужни за успесите во меѓународните мисии и за поканата која ја добивме за членство во НАТО, рече претседателскиот кандидат Стево Пендаровски претставувајќи ги неговите заложби и проекти како иден врховен командант на македонската Армија.
– Во мојот мандат врвен приоритет ќе биде модернизација на Армијата како и обезбедување на европски услови за македонските војници. Како иден врховен командант, моја цел ќе биде континуирано зголемување на буџетот за Армијата и обезбедување НАТО стандарди за нашите војници. Ова ќе значи добри услови за нив за гордо и достоинствено да ја бранат нашата татковина. Процесите за модернизација се веќе започнати и јас во соработка со Министерството за Одбрана силно ќе ги поддржам и забрзам. Посебен фокус ќе ставам на проектите и реформите кои се однесуваат на покачување на платите, домувањето, но и мерките за поддршка на припадниците на армијата по нивното пензионирање од активна служба во армијата – рече Пендаровски.
Тој додаде дека како врховен командант особено внимание ќе посвети на именување на искусни и квалитетни кадри на позициите од суштинско значење за безбедноста на земјата. Пендаровски вели дека тоа е исклучително важно и дека на овие позиции ни требаат најдобрите професионалци со кои располагаме. При именувањето на Началникот на Генералштабот и Генералите во армијата секогаш ќе се води од нивните професионални достигнувања. Само вака ќе обезбедиме професионална армија и почит од нашите сојузници.
– Во рамките на моите овластувања во агенцијата за разузнавање, активно ќе учествувам во реформата на безбедносниот систем на нашата држава, согласно со стандардите на најразвиените демократски земји. Обезбедување на ефикасни и независни системите за безбедност мора да бидат врвен приоритет на Владата и на Претседателот. Никогаш повеќе нема да дозволам делови од Агенцијата за разузнавање односно нејзини делови да бидат злоупотребени како што тоа беше случај во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ – вели Пендаровски.
Според него, Советот за безбедност важно тело кое досега беше целосно занемарено од актуелниот претседател, ќе го свикува редовно и во него ќе членуваат реномирани експерти од областа на безбедноста, но и претставници на власта и опозицијата. Пендаровски е дециден дека националната безбедност не е и не смее да биде жртва на тесните партиски интереси и политичките интереси на поединци.