Политичките партии ги користат сите можни дупки во Изборниот законик за да можат да ја бајпасираат онаа демократска стандардна постапка на убедување на граѓаните да гласаат за еден или за друг кандидат, изјави директорот на Цивил, Џабир Дерала на денешната конференција „Какви избори-таква иднина“.
Дерала вели дека и претходно е востановено од експерти и други релевантни луѓе во овој процес дека изборниот законик се уште е преполн со дупки, и како што вели, некои го споредуваат и со швајцарското сирење.
– Тоа што е загрижувачки е дека политичките партии не научија се уште да си го почитуваат гласачот и да ги почитуваат демократските стандарди. Во текот на изборниот процес највидлива е појавата на говорот на омраза. Говорот на омраза очигледно е планиран, направен во фази. Фазите се активираат зависно од состојбата во земјата. Прво беше на етничка основа, сега трае една комбинација меѓу етничка, верска и антимигрантска хистерија во еден дел, а не изоставуваат, според нашите извештаи од теренот, ни личните дисквалификации на кандидатите кога зборуваме за активистите на политичките партии. Тоа се рефлектира и во медиумите кои исто така се дел од нашето набљудување – вели Дерала.
Тој посочи дека освен говорот на омраза утврдиле и голем број случаи на злоупотреба на деца и малолетници во политичката кампања.
– Децата ги гледаме на митинзите ги гледаме на фејсбук облечени во разни облеки, симболи итн. и во телевизиските спотови и сметаме дека тоа е неприфатливо, противзаконски, против правата на децата – рече Дерала.
Додаде дека во неколку населени места се подготвува и изборен поткуп, од одредени политички структури.
– Изборниот поткуп дознаваме дека веќе не е 500 денари, туку е покачена цената на гласот и таа ќе изнесува 1000 денари, па и повеќе во деновите пред денот на гласање, а на самиот ден можеби уште повеќе – вели Дерала.
Од ЦИВИЛ сметаат дека има многу слабости кога се работи за изборниот процес.
– Гледаме дека тоа е изборен процес кој има карактер на парламентарни избори. Забележуваме многу сериозно големо инволвирање на врвовите на политичките партии и тоа е една ситуација во која сметаме дека кандидатите за претседател како да губат од видливоста, а всушност за нив се работи – вели директорот на ЦИВИЛ.
Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски посочи дека во стандардните процедури во законодавството се вели дека треба веднаш да се донесе нов изборен законик, но, како што рече тоа треба да се направи по изборите. Смета дека една од слабостите на нашиот изборен систем е овозможување на право на глас на нашите граѓани од дијаспората. Информира дека за овој изборен циклус ќе се направат трошоци во износ од речиси 30 милиони денари за 1.782 лица кои се пријавиле да гласаат на изборите во дијаспората.
– Ова ќе биде најскапиот глас од дијаспората и наметнува една дилема што мора да ја разрешиме. Јас не сум да се одземе еднаш даденото право на нашите граѓани. Но, причините се дополнително и невозможноста да се лоцира нашата дијаспора, да се одредат бројките, бидејќи никој од нашите граѓани кога ја напушта нашата држава не го пријавува своето отсуство повеќе од една година и тоа е проблем што дополнително го оптеретува системот и организацијата на изборите – рече Деркоски.
Заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски информира дека на веб страницата на Министерството е објавена алатка за пријавување притисок на работното место за време на претстојната кампања за избор на претседател. Тој соопшти дека досега нема пријавено ниту еден случај на притисок.