Антикорупциска: Субвенциите за велосипеди на проверка во Обвинителството

418

Антикорупциската комисија ќе го извести јавното обвинителство дека од Град Скопје објавиле оглас за субвенции на велосипеди по распишување на изборите.

Државната комисија за спречување на корупцијата едногласно утврди дека приговорот од ВМРО-ДПМНЕ ќе се отфрли, бидејќи не се исплатени средствата, но како што образложи членот Нури Бајрами, има пропуст, согласно принципот на добро владеење во тоа што никаде не е наведено дека исплатата на субвенциите ќе се врши по изборите.

Приговор против Град Скопје поднеле од ВМРО-ДПМНЕ и за субвенциите за инвертер клими, но и тој приговор беше одбиен како неоснован зашто комисијата не утврдила прекршување на Изборниот законик, по основите за кои е поднесен приговорот.

Градоначалникот Петре Шилегов кој беше присутен на седницата на ДКСК изјави дека биле свесни дека со распишувањето на огласите ќе навлезат во изборен период, но дека јавно кажале за исплата дека ќе биде по изборите. Шилегов истакна и дека приговорите се политички, а не правни, бидејќи за распишување на огласите гласале и советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

На денешната седница ДКСК разгледуваше вкупно девет приговори за можни злоупотреби во изборната кампања, сите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ.

Прифатен беше единствено приговорот за злоупотреба на канцеларии во општинската зграда на Шуто Оризари, за одржување прес-конференција за поддршка на претседстелскиот кандидат, Стево Пендаровски. За овој приговор Антккорупциска побара повеќе време за утврдување на фактичката сосотојба, бидејќи од општината образложија дека истата зграда ја делат и општината и деловни простории на другиот спрат за кој градоначалникот нема ингеренции.

ВМРО-ДПМНЕ доставиле приговори и за 116 вработувања во Водостопанство, за реконструкција на улица во општина Карпош, за делење пакети со храна за социјални семејства од општина Центар, но сите беа отфрлени со образложение дека институциите веќе ги имале активностите предвидени во годишните програми за работа или дека пак не ја утврдиле фактичката состојба.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...