Кај 10 деца од земјата се извршени кардиохируршки операции во Клиничката болница „Жан Митрев клиник“ со новиот проект – јавно приватно партнерство – кој во февруари почна да функционира во оваа болница. Пет деца се постари од една година, а другите се на возраст под една година. Две од децата, за жал, починале.
– За два месеца направивме повеќе од десет операции на срце кај деца, а има огромен бенефит од работењето тука и во однос на човечки ресурси и опрема. На располагање се 12 комплетно опремени кревети за интензивна нега, операциона сала, сала за катетеризација, каде и во 2 часот по полноќ можеме да интервенираме при компликации, како и апарати за магнетна резонанца и компјутерска томографија. Целта ни е да ги згрижиме најтешко болните деца во државата, не само оние со срцеви проблеми, туку секое дете кое ќе бара екстремно добро опремена интензивна нега со кадар. Имаме тим кој е сертифициран за дијализа на бебиња. Двете деца што починаа беа иноперабилни, со тешки срцеви мани – изјави на денешната прес-конференција д-р Владимир Чадиковски, детски кардиохирург, кој заедно со тим од Клиниката за детска хирургија премина да работи во оваа приватна болница.
Тој нагласи дека станува збор за бебиња од два килограма со тешки срцеви мани, тие ги вршат интервенциите, а американски тим ги надгледува операциите.
– Еве сега имавме дете со цироза на црн дроб, кое чека на пресадување, а ние го опериравме иако требаше да оди во странство. И најмалите пациенти од околните држави можеме да ги згрижуваме, иако сме 2 месеци тука, сега сме дел од тимот на Жан Митрев Клиник – рече д-р Чадиковски.
Д- Жан Митрев, сопственик на Клиниката, рече дека пред да заживее овој проект, таму досега оперирале повеќе од 1.000 деца со вродени срцеви маани постари од една година.
– Речиси 20 години згрижуваме 80 до 90 деца годишно, а таков беше и Договорот со Фондот. Постојано ја работиме детската кардиохирургија, а сега и кај помали од една година. Но токму таа, неонаталната кардиохирургија, е нешто плус посебно во однос на она што значи квалитет, посветеност и исчекор во таа област. Досега, со сите сили јавното и приватното здравство се делеа, како да се конкуренција или непријатели, а првпат сега да дојде до здружување на квалитет и стручност, а да е поддржано и од Министерството за здравство и од Фондот, што е голем успех и пресврт. Болницата е сертифицирана со JCI стандарди, опремени сме и за лекување на случаи со сепса, а вршиме и генетски испитувањa – додаде д-р Митрев.
Во болницата имало 150 нови вработувања, од кои 30 се лекари.
– Лекарите тука имаат и голема шанса за едукација, ни доаѓаат тимови од Вашингтон, од Хјустон, а и некои од колегите кои сега работат во странство најавија дека ќе се вратат да работат кај нас – рече д-р Митрев.
Во врска со тоа дали ќе може и понатаму некои од децата ќе се праќаат во странство или сите на кои им се неопходни овие операции ќе бидат прифаќани во оваа установа, изјавија:
– Ние сме комплетно обучени за сите интервенции, опремени сме и кадровски и со опрема за овие операции кои и досега ги правевме, но кај деца постари од една година. Сега тука се оперираат и помали деца. Ова се сложени интервенции кои ги нема во сите држави, еве во една Словенија на пример, нема детска кардиохирургија – изјави д-р Митрев.
А за тоа што во случај кога има два итни случаи – едно е дете од земјата а другото е од странство, кој ќе има предимство да се оперира, д-р Чадиковски со одговор:
– Овие операции не се до толку итни, требаат пет до седум дена за сите испитувања, па не може да дојде до такво нешто – појасни д-р Чадиковски.
Министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека иднината што треба да се развива во нашиот здравствен систем се токму моделите на јавно-приватно партнерство.
– Треба да се искористат сите ресурси кои се на располагање, а да се инвестира само таму каде е најпотребно, да се знаат каде инфрастурктурно ќе ги зајакнеме државните здравствени капацитети, а каде тоа нема потреба да го правиме. Да се ориентираме кон купување услуги, систем кој функционира во многу развиени западни земји. Сакаме да ги отвориме вратите за приватниот капитал и да ги подобриме условите. Не е тенденција да се затвораат болниците, туку да се надградат и осовременат и да пружаат здравствени услуги кои граѓаните ги заслужуваат – истакна Филипче.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Ден Дончев, рече дека останува иста цената за кардиохируршки операции (по ДСГ процедура) како што ја плаќале и на детска кардиохиругија.
– За трите процедури, како тие за новороденчиња, цената е 1,124 милиони денари, за кардиоваскуларни процедури за деца до 18 години цената е 997 илјади денари, а други срцеви интервенции се 428 илјади денари за една операција. Ги ставаме на располагање сите капацитети и можности за во блиска иднина тука да може да се создаде центар на извонредност, со меѓународен тим експерти за детската кардиохирургија. Намерата е да стане регионален пример на медицинска стручност, професионалност и извонредност каде луѓето од околните земји би ги носеле децата на лекување во Република Северна Македонија – додаде Дончев.
Годишниот буџет за здравствените услуги во Клиниката „Жан Митрев“ за кардиолошки интервенции за новороденчиња и деца до 18 годишна возраст изнесува 65 милиони денари, што досега го определувале за детска кардиохирургија во ЈЗУ Клиника за детска хирургија.
Од 1 јануари 2014 година до 31 декември 2018 година Фондот исплатил околу два милиони евра за над 100 лекувања во странство на деца до 18 годишна возраст за кардиохируршки интервенции.