Главниот град на Венецуела, Каракас и поголем дел од земјата синоќа повторно беа во мрак поради нов дефект на мрежата за електрична енергија.
Новиот дефект на електричната мрежа, најголем во последната недела се случи синоќа околу 23 часот по локално време. Електрична енергија немаше во поголем дел од Каракас и во најмалку 18 од вкупно 23 венецуелски држави.
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро претходно изјави дека САД, кои го поддржуваат лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо, се одговорни за големите прекини на струјата.
Ниту Владата ниту националната електроенергетската компанија „Корпоелек“ не дадоа објаснување за новиот дефект.
Додека Гуаидо за денеска повика на нови протести поради лошото работење на јавните служби.
Од 7 март кога поради голем дефект речиси цела Венецуела беше во темница пет дена, повремено се случуваат прекини во снабдувањето со електрична енергија, што предизвикува и недостиг на вода, нарушување на сообраќајот, како и на телефонските врски и интернетот.
Мадуро ги обвинува САД за хакерски напади врз хидроцентралата Гури, која произведува 80 отсто од струјата за Венецуела, со цел да се дестабилизира неговата Влада. Тој тврди дека хакерите уфрлиле вирус во системот за електрична мрежа.
Гуаидо и експертите оценуваат дека проблемите во снабдувањето со електрична енергија настануваат поради лошото одржување на инфраструктурата и недостиг на инвестициите поради длабоката економска и политичка криза во земјата.
ФОТО: EPA / MIGUEL GUTIERREZ