Нема законска можност претседателот Ѓорге Иванов да ги помилува осудените за „27 април“, кои до него доставиле барања, велат правните експерти. Дополнително, според нив, таквата опција е невозможна и поради изборниот период.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев и министерката за правда, Рената Дескоска се согласни дека правно е невозможно претседателот Иванов да ги помилува осудените за „27 април“, како што тоа го направи во 2016 година за вкупно 56 лица кои беа опфатени со истрагите на Специјалното јавно обвинителство.
Илиев во изјава за МИА вели дека законска можност за помилување сега нема, бидејќи тоа е процедура, која претрпела законски измени, а и времето на изборите тоа не му го дозволува.
– Но, кај нас знаете, законот многу не се почитува, може и тоа да биде. Инаку, правно мислам дека нема можности за таква работа, бидејќи тоа би било злоупотреба на правото и на неговите овластување како претседател – изјави Илиев.
Процедурата за помилување би требало да оди преку Министерството за правда, поединечно за секое барање, за разлика од амнестијата која се носи со закон од Парламентот.
И министерката Дескоска нагласува дека постапка за помилување може да се води единствено преку Министерството за правда, а до нив досега не се стигнати барања за помилувања на осудени лица за настаните во Собранието од 27-ми април 2017 година.
Дескоска посочува дека нема законска можност да се води постапка за помилување од страна на претседателот на државата.
Појаснува дека постапката за помилување може да се води единствено преку Министерството за правда, имајќи предвид дека нема законска основа за помилување без претходна постапка во ова Министерство.
– Избришан е членот 11 од Законот за помилување кој претходно предвидуваше таква постапка од страна на претседателот, а и со укинувачка одлука на Уставниот суд во 2016 година тој член не е „оживеан“, односно не постои во правниот систем на државава – објаснува министерката.
Втората пречка, како што додава Дескоска, произлегува од фактот што се распишани претседателски избори, а во тој период не може да се даваат помилувања.
– Министерството за правда откако се распишани изборите не препраќа никакви предмети за помилување до Кабинетот на претседателот на државата. Во оној момент кога Државната изборна комисија официјално ќе прогласи дека изборите се завршени ќе може да бидат препратени барања за помилување до Кабинетот на претседателот – вели министерката за правда.
Премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање рече дека аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов не очекува, бидејќи тоа не постои повеќе како законска можност.
– Со последното давање на аболицијата се потврди непостоењето на соодветните членови кои не постојат во законот за претседателот да го искористи тоа право – истакна Заев.
До кабинетот на претседателот на државата се доставени неколку барања за помилување на осудени лица за случајот „27 април“, а последното пристигнало во петокот. Оттаму не посочуваат кои од осудените побарале помилување.
За насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, на 15 март годинава на вкупна затворска казна од 211 години беа осудени 16 лица.
Највисока казна од 18 години доби поранешниот министер за внатрешни работи и директор на БЈБ, Митко Чавков.
Мандатот на актуелниот претседател Ѓорге Иванов истекува на 12 мај годинава. Неговиот наследник треба да се добие по претседателските избори што ќе се одржат на 21 април и 5 мај.