Опасно е да го доведуваме во прашање она што досега го постигнавме како мултиетничко општество

И што сега? Ќе ги растераме етносите, ќе ги распуштиме нивните партии, ќе им викнеме полиција? Ќе се вратиме одново на „асоцијацијата на граѓани“ што го предизвика конфликтот од 2001, зашто беше покритие за дискриминација на граѓаните од помалите етнички заедници? Или ќе се обидеме по патот по кој тргнавме, преку учество во власта, праведна застапеност на заедниците, пропорционален изборен систем, право на взаемно вето, децетрализација и уставни гаранции, да направиме сите да се чувствуваа подобро во државата која ќе ја сметаат за праведна и ќе бидат лојални граѓани?   

1503

Гордана Сиљановска на предизборниот собир во Гостивар го нападна така наречениот консоционален модел на демократско уредување. Кутриот Аренд Липхард, тврецот на овој модел, дури беше цитиран пред Гостиварци кои, со зинати усти, трпеливо,  слушаа зошто овој модел не успева во секоја ситуација, поточно во нашата:

– Требало да има најмалку три етнички заедници со слична големина, инаку со две ќе имало неизбежно, победници и поразени.

– Требало да имало повеќе вкрстувања (да речеме преку религија и друго) на сегментите отколку расцепи.

– Требало лидерите на сегментите да бидат умерени луѓе

– Требало државата да биде богата, зашто за овој модел требало пари.

Арно, требало, но што со тоа?  Дали денешното уставно уредување го бираа професорите во нивните кабинети, па решаваа кој модел е поубав и подобар? Или во 2001 имаше вооружан бунт на  воена формација против централната власт. И како заврши конфликтот? Со човечки жртви, разорени имоти и на крај, четири парламентарни партии (две македонски и две албански) го потпишаа Охридскиот мировен договор, во кој  се признава  дека помалите заедници во државата биле дискриминирани и запоставени, немале пристап до инстументите на власта и распределбата на ресурсите. Решенијата во Договорот се во насока на отклонување на оваа неправда и тие, потоа, низ тензична амандманска процедура, станаа дел од уставниот и политичкиот поредок на земјата. Добри или не толку добри, 19 години обезбедија мир да направиме нешто од себе и од нашата демократија. „ Нема територијални решенија за етничките конфликти“ е првата реченица од Договорот и тоа изгледа најмногу ги боли националистите од сите бои, бидејќи територијалните решенија за нив се првата опција.

Професорот од Северна Ирска Адриан Гуелке, пишува за две големи опасности кои се закануваат на  мултиетничките држави: едната е кога некоја етничка група или нејзини фракции не ја признваат централната власт и постојано го доведуваат во прашање нејзниот легитимитет, како и територијалниот интегритет на државата.

Втората опасност лежи во изборот на националистичка партија на власт која ја фаворизира својата нација. Ние имавме на власт десет години коалиција на една националистичка македонска партија и една албанска, произлезена од поранешната вооружена формација и таа коалиција, без оглед на навредливата реторика кон Албанците, функционираше. Отпосле разбравме дека коруптивните договори и интереси на водствата, се спојката посилна од секоја идеологија. Кога во еден момент, граѓаните од сите националности се обединија во побуна против таквиот коруптивен режим и ја манифестираа својата воља за промена на последните парламентарни избори, се појави надеж дека етничките поделби не мораат да бидат нашата вечна судбина. Членството во НАТО  ја зголемува безбедноста на граѓаните, ги ослободува од страв за иднината и ете шанса за демократскиот процес кој пак, од своја страна, ги ублажува етничките поделби.  Ако го разбираме тоа,  го сакаме и работиме во таа насока.

„Едно општество за сите“ била најчесто употребуваната флоскула, се слушна од говорницата во Гостивар, бидејќи зад тоа се криела бинационална држава. Kаде биле другите националности, прашува кандидатката. Уште беше кажано  со цинизам:

„Во тоа едно општество за сите, требало сите етнички заедници да бидат еднакви и рамноправни и така ќе сме биле среќни а тоа e погрешно и опасно“.

Наместо асоцијација на граѓани сме имале консоцијација на етноси.

И што сега? Ќе ги растераме етносите, ќе ги распуштиме нивните партии, ќе им викнеме полиција? Ќе се вратиме одново на „асоцијацијата на граѓани“ што го предизвика конфликтот од 2001, зашто беше покритие за дискриминација на граѓаните од помалите етнички заедници? Или ќе се обидеме по патот по кој тргнавме, преку учество во власта, праведна застапеност на заедниците, пропорционален изборен систем, право на взаемно вето, децетрализација и уставни гаранции, да направиме сите да се чувствуваа подобро во државата која ќе ја сметаат за праведна и ќе бидат лојални граѓани?

Ова го напишав за да укажам дека не е опасна идеата  „едно општество за сите“, туку е опасно да го доведуваме во прашање она што досега го постигнавме како мултиетничко општество.

Автор: Мирјана Малеска, професор

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...