Градоначалникот на Њујорк Бил де Блазио денеска во делови од Бруклин прогласи за задолжителна ММР вакцинација за жителите кои живеат во загрозените подрачја, во спротивно ќе се соочат со казни.
– Најголемата епидемија на мали сипаници во градот од 1991 година е во голема мера ограничена на ортодоксната еврејска заедница во Вилијамсбург, дел од Бруклин, со 285 потврдени случаи од октомври, во споредба со само два пријавени случаи во 2017 година – изјави де Блазио.
– Тука е епицентарот на епидемијата на мали сипаници, што е многу загрижувачко и ние треба веднаш да дејствуваме – рече градоначалникот на Њујорк.
Меѓу 285 потврдени случаи, само 39 не се деца.
Според одлуката на градоначалникот, луѓето кои живеат во тој дел од Бруклин и кои не биле вакцинирани против сипаници, а постои можност тие да биле изложени на вирусот, мора да добијат ММР вакцина, односно вакцина против мали сипаници, рубеола и заушки.
Досега нема смртни случаи, но околу 20 лица биле хоспитализирани, а петмина биле примени на интензивна нега.
Оние кои не ја примиле ММР вакцината и не можат да дадат друг доказ за имунитет, како на пример доказ дека претходно имале мали сипаници, се соочуваат со парична казна до 1.000 долари.